Бриселските власти денеска соопштија дека в понеделник ќе забранат влез на камионите од „Конвојот на слободата“, со цел да се спречи целосна блокада на градот
„Конвојот на слободата“, кој е планирано утре да пристигне во Париз, по урнекот на канадското движење на камионџии против мерките за сузбивање на ковид-19, ќе биде забранет за да се спречи блокада на градот, а ваквиот конвој ќе биде забранет и в понеделник во Брисел, соопштија денеска француски и белгиски официјални лица.
Организаторите на протестот, кој се чини дека се проширува, сакаат да изразат незадоволство од сертификатите за ковид-19 воведени во Франција на 24 јануари и се претставуваат како членови на „Жолтите елеци“, протестното движење од 2018 и 2019 година, водено од зголемувањето на цените на бензинот што се претвори во бунт против претседателот Емануел Макрон.
Неколку конвои вчера тргнаа од Ница, на југоисток, Бајон и Перпињан, на југозападот, а други ќе тргнат денеска. Предвидено е сите утревечер да се сретнат во Париз, од каде што треба да се упатат во Брисел на „Европскиот собир“ в понеделник, на 14 февруари.
Бриселските власти денеска соопштија дека в понеделник ќе забранат влез на камионите од „Конвојот на слободата“, со цел да се спречи целосна блокада на градот, со каква веќе една недела се соочува канадската престолнина Отава.
Премиерот на бриселскиот регион, Руди Верворт, најави дека не е ни побарана дозвола за протестот.
„Федералната полиција ќе ги контролира моторните возила на патиштата кон Брисел. Регионот и градот Брисел ќе забранат камионите да влегуваат на негова територија“,
рече Верворт.