Уверен сум дека сите ја имаат потребната мотивација посветено да се вложат во имплементацијата на владината програма што вие ја поддржавте, рече премиерот на денешната собраниска седница
Останувам доследен на мојот принцип за предлагање компетентни и работливи личности, со интегритет. Уверен сум дека сите ја имаат потребната мотивација посветено да се вложат во имплементацијата на владината програма што вие ја поддржавте, рече премиерот Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница, образложувајќи ги предлозите за заменик-министрите.

За заменик-министри се предложени:
- Башким Хасани за заменик на министерката која раководи со Министерството за одбрана;
- Назим Буши за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи;
- Агим Нухиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда;
- Џабир Доко за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците;
- Фатмире Исаки за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи;
- Филип Николоски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии;
- Зоран Маневски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија;
- Абдулшуќур Абедини за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;
- Владимир Рендевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство;
- Лулзим Алиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука;
- Зоран Димитровски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа;
- Даим Лучи за заменик на министерката која раководи со Министерството за култура;
- Александар Бајдевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;
- Беким Реџепи за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски; и
- Христина Оџаклиевска за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Барам и очекувам ефикасно, навремено и чесно да ја вршите вашата работа. Тоа е обврска на секој владин службеник. Ќе ја следам вашата работа и резултати“,
им порача Ковачевски на предложените кандидати за кои побара поддршка од пратениците.
Премиерот во образложението говореше и за приоритетите на Владата истакнувајќи дека ефикасното и одговорно владеење, со фокус на решавањето на клучните проблеми коишто ги засегаат граѓаните останува на врвот.
„Граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи Владата и понатаму ќе спроведува директни и позитивни мерки за нивна енергетска поддршка“,
рече премиерот Ковачевски.
На крајот тој потенцира дека не прави селекција на луѓето по партиска, етничка, родова или друга субјективна линија, но исто така не прaви и компромиси, исклучоци и оправдувања.
„Сакам да ги уверам сите граѓани дека владиниот тим посветено и одговорно ќе продолжи да работи. Ве уверувам и сакам заедно да го споделиме оптимизмот и вербата за подобро време. Ве уверам дека нашите обврски и одговорности во целост ќе ги исполниме, за сите граѓани да ги остварат своите права и да живеат во подобра сегашност“,
порача премиерот Димитар Ковачевски на седницата за избор на заменици-министри во Собранието.
Веднаш потоа пратениците ја започнаа расправата по предложената листа заменици-министри.