„Денеска го направивме иницијалниот состанок во пријателска атмосфера, на кој го договоривме тимот за меѓусебна соработка, како и деловникот за работа по кој ќе работи оваа заедничка комисија“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски и истакна дека според планот ќе се интензивираат соработките помеѓу двете земји, а особено сите оние општини што припаѓаат на регионот за Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија финансирана од ЕУ
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска во Софија се состана со бугарскиот вицепремиер и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, а тема на средбата беше деловникот за работа на заедничката работна група за имплементација на меморандумот за соработка помеѓу Министерството за регионален развој и јавни работи на Република Бугарија и Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија.

„Денеска го направивме иницијалниот состанок во пријателска атмосфера, на кој го договоривме тимот за меѓусебна соработка, како и деловникот за работа по кој што ќе работи оваа заедничка комисија. Ние утврдивме дека минимум два пати годишно од двете страни на границата да имаме средби, преку тоа ќе ја интензивираме соработката помеѓу здруженијата на двете страни во општините“,
рече Милевски.
Тој додаде дека според планот ќе се интензивираат соработките помеѓу двете земји, а особено сите оние општини кои припаѓаат на регионот за Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија финансирана од ЕУ, со цел навремено да ги подготват нивните проекти за идниот период, поточно за периодот 2021-2027 година за претстојната ИПА 3 програма преку која треба да се искористат проектите за развој на општините, а во интерес на двете земји.
„Граничниот премин ‘Клепало’ е многу важен, така што од бугарска страна ветија дека ќе се интензивираат активностите за почеток на изработка на проектите и на реализацијата на градежните активности за отворање на овој граничен премин кој е важен за цела Источна Македонија“,
истакна Милевски.
Бугарскиот министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов истакна дека во блиска иднина ќе се остварат средби на градоначалниците на општините на двете страни на границите меѓу Бугарија со што ќе се разменат искуства за подобро менаџирање на општините.
„За тоа се надевам сите овие средби ќе придонесат за развој на проектот за граничниот премин ‘Клепало’ каде што ние се активираме и со тоа ќе се оствари поголема соработка помеѓу граѓанскиот и бизнис-секторот“,
појасни Караџов.
