Мицкоски за ова барање побара поддршка и од работниците, синдикатите и од пошироката јавност бидејќи, како што рече, не е важно со чиј предлог ќе се добијат повисоки плати, туку тие навистина да се покачат
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи амандман на законот за минимална плата за зголемување на платите во јавниот сектор.
„Бараме износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата при што скалесто се зголемуваат платите, каде што основната вредност на најнискиот коефициент и бод се изедначува со износот на минималната плата“,
објави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес-конференција.
Мицкоски рече дека Македонија е помеѓу четирите најсиромашни држави во Европа, дека потрошувачката кошница на основните прехранбени и други производи во декември е 35 042 денари и дека не се проблем само минималните плати туку ниските плати кои сè поголем број луѓе ги добиваат. Тој посочи дека Владата мора да има поголемо чувство за потребите на граѓаните.
„Не се завршува работата со едноставно зголемување на минималната плата, туку со опсежно зголемување на платите кои мора да бидат усогласени со коефициентот на сложеност на работната сила. И тука не треба посебни формули туку почитување на веќе договореното, на веќе постигнатата согласност со синдикатите и колективните договори кои се на сила. Каква е таа социјална правда кога владата не ги почитува сопствените колективни договори?“,
рече Мицкоски.
Тој презентира табела со платите во различни професии, според која перачка – пегларка, садомијач – сервирка, помошник во кујна има 269 бода, и има минимална плата од нешто повеќе од 15 000 денари и сега таа според колективниот договор би требало да изнесува нешто повеќе од 18 600 денари.

„Истото тоа го имаме и во основните училишта, ако започнеме со општ работник кој има коефициент еден и досега имал минимална плата 15 200 денари сега ќе има 18 000 денари“,
рече Мицкоски.
Објаснувајќи ја суштина предлогот-амандманот кој денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го доставила, Мицкоски рече дека со него соодветно надолу и хигиеничар и перачка, сервирка, садомијач, ложач, ракувач на парни котли, возач и така натаму, па сè до наставник приправник и наставник, платите ќе бидат зголемени.
„Така, наставник приправник наместо досегашните 22 764 денари, според амандманот кој го предлагаме, а согласно колективниот договор што го имаат потпишано со синдикатот и коефициентот на сложеност на тоа работно место, треба да изнесува 41 256 денари нето. Исто така, и за наставник кој има коефициент 2 503, кој досега има нето-плата од 24 782 денари и согласно амандманот што ние го предлагаме да се усогласи со колективниот договор би требало да има нето-плата од 45 054 денари“,
објасни Мицкоски.
Истото го предлагаат и за средните училишта односно професорите кои според Мицкоски, наместо сегашните 25 838 денари нето-плата, според предлогот, би имале 45 594 денари.
„Ова е во суштина предлогот на амандманот што денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го достави и очекуваме од страна на Владата, од страна на парламентарните партии истиот амандман да биде прифатен затоа што секој заслужува подобро да живее и без разлика на тоа во кој дел на администрацијата имаме вработен, државата, Владата треба да покажат одговорност и сериозност и да ги усогласат преку личен пример овие коефициенти, односно примањата на вработените во државната и јавна администрација“,
додаде тој.
Тој за ова барање побара поддршка и од работниците, синдикатите и од пошироката јавност бидејќи, како што рече, не е важно со чиј предлог ќе се добијат повисоки плати, туку тие навистина да се покачат.
Со 101 глас „за“ од пратениците, предлог-измените за покачување на минималната плата го помина првото гласање на пленарна седница во Собранието. Ниту еден пратеник не гласаше „против“, а немаше ниту воздржани. Сега за предлог-законот треба да расправа собраниската Комисија за труд и социјална политика.