Матичните лекари за 63 денари во месецот треба да дадат неограничен број услуги, 24 часа, седум дена во неделата, посочија од Комората за приватно здравство
Повеќе од 2 500 здравствени установи се во сериозна егзистенцијална криза и на раб на опстанок, алармираа денеска од Комората на приватно здравство.
Тие случајот го објаснија со податокот дека матичните лекари за 63 денари во месецот треба да дадат неограничен број услуги, 24 часа, седум дена во неделата.
Поради ваквата состојба, Комората очекува средба со надлежните за да се надмине, како што вели, проблемот со постојаното минимизирање и обезвреднување на трудот на здравствените работници – матичните лекари, гинеколозите, стоматолозите и фармацевтите.
„Мора да се најде компромис. Во спротивно, државата нека излезе и нека каже дека нема потреба од доктори. Но, пациентите имаат, луѓето. Нашата дејност е од јавен интерес. Итно треба да се седне со Фондот и да има дијалог, а не монолог. Не зборуваме за рушење на здравствениот систем, во никој случај, туку за изнаоѓање соодветни решенија. Веќе има најави за затворање на здравствените амбуланти, посебно во помалите средини. Сметките за струја што ги добија се енормно високи, 20 000 – 30 000 денари. Дополнително, 160 отсто е поскапено и горивото од 2001 година, а капитацијата е 63 денари“,
истакнаа претставниците на прес-конференцијата.

Од Комората посочуваат дека со ваквиот однос професиите лекар, стоматолог и фармацевт се девалвираат и мора да се работи на враќање на довербата.
„Светот воведува роботика, а ние уште се занимаваме со капитацискиот бод. Со Фондот за здравство во делот на аптеките последните преговори беа во 2014 година, а со останатите здравствени установи во 2018 година. Во меѓувреме ништо не е сменето и наместо награди, добиваме казни. Меѓу фактите со кои се соочуваме денес е и тоа што денталните протези ги изработуваме за 50 отсто поевтино од цената во 1992 година, а познат е и проблемот со иселувањето на докторите. Од корона пандемијата, пак, доживеавме сериозен удар. Голем дел од товарот падна на матичните лекари, приватните здравствени установи и аптеките. Се случи една нелогичност која не постои никаде во светот – во услови на пандемијата матичните лекари да бидат казнувани, наместо наградувани. Но, испливаа на површина и други проблеми. Здравствениот систем е се уште во криза и мора да се изнајдат решенија, подвлекоа лекарите од приватното здравство“,
истакнаа од Комората.
Комората најави дека од следната недела ќе профункционираат работните групи и преговарачките тимови во кои има и правни и економски експерти, а целта е директно да учествуваат во законската регулатива која досега се носела зад затворени врати, без контактирање на фелата.
На новинарско прашање колку приватни здравствени установи има во земјава, одговорија дека засега нема точна бројка, но бројката се проценува на 4 500. Притоа, од овие здравствени установи, само 10 – 20 работат со ковид-тестирање.
Во Комората на приватно здравство учествуваат приватните здравствени установи од сите сектори, општи лекари, стоматолози, аптеки и веледрогерии, различни медицински специјалистички ординации и други правни субјекти. Тие најавија дека еден од следните чекори ќе им биде дигитализација на системот што, меѓу другото, подразбира и електронско издавање упати.