Вицепремиерот денеска зборуваше и за барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се усогласат и платите во јавниот сектор, за што тој порача дека таквото усогласување е дел од законското решение
Со новата методологија за пресметување на минималната плата, до 2026 година таа би изнесувала 22 000 денари, вели вицепремиерот за економски прашање Фатмир Битиќи кој утрово зборуваше на оваа тема во гостувањето во „Утрински брифинг“ (УБ).
„Имаме проекции како ќе се движи минималната плата до 2026 г. Сепак, тоа се проекции што се поставуваат на ниво на различни макроекономски фактори. До 2026 година минималната плата ќе биде 22 000 денари само со усогласување, без никакво интервенирање“,
рече Битиќи за УБ.
Во моментов минималната плата во државата изнесува 15 200 денари, а со вчерашниот договор меѓу Владата, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци, од мартовската плата тој ќе изнесува 18 000 денари односно ќе се зголеми за 2 800 денари (околу 45 евра).
Покрај покажувањето, вчера беше договорена и новата методологија за која зборуваше утрово вицепремиерот Битиќи.
Дел од критериумите во новата методологија се дека минималецот не може да биде понизок од 57 проценти од просечната плата.
„Постигнавме уште една важна согласност: Да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Третиот критериум е новина: висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика“,
рече синоќа премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Инаку, Битиќи денеска зборуваше и за барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се усогласат и платите во јавниот сектор, за што тој порача дека таквото усогласување е дел од законското решение.
„Да упатам порака до ВМРО-ДПМНЕ дека усогласувањето на платите е дел од законското решение. Сите плати треба да се усогласат со минималната плата. Нема поделба на јавен и приватен сектор. Законите се носат врз основа на параметри кои треба да овозможат праведност и правичност“,
рече Битиќи во гостувањето во УБ.