Според економистите, ова е природен редослед на настани потпомогнати од ковид, во услови кога граѓаните се целосно препуштени на својата судбина и без соодветна заштита
Во ноември минатата година во Србија имало 30 570 пензионери помалку во споредба со крајот на 2020 година, кога, исто така, имало намалување во однос на претходната година за 16 011 корисници на пензија, пишува „Данас“.
Според податоците од веб-страницата на фондот ПИО, кои се достапни од 2012 година, бројот на пензионери во сите категории најмногу пораснал во 2014 година, за повеќе од 27 000.
Сепак, веќе во 2015 година има пад за нешто повеќе од 3 000, а двојно повеќе во следните години. Но, бројките од лани и од 2020 година покажуваат драстично намалување на бројот на корисници на пензија, а тоа е најзабележително во категоријата инвалидски, а потоа и семејни пензии.
Незначително е зголемен бројот на корисници на старосна пензија овие години, но лани за првпат е забележан пад од 0,8 отсто. Истовремено, бројот на инвалидските пензии е намален за 5,09 (во претходните години стапката на намалување беше околу три проценти) и на семејните пензии за 0,88 проценти.
Според економистите, ова е природен редослед на настани потпомогнати од ковид, во услови кога граѓаните се целосно препуштени на својата судбина и без соодветна заштита.
„Поради пандемијата, сите други здравствени потреби беа запоставени. Без превенција и третман, поради невнимание, стапката на смртност нагло скокна, особено кај најстарата популација“,
велат тие.