Од МНР велат дека со вакви постапки се прави обид да се фрли сенка на чествувањето на Гоце Делчев, но и на угледот на нашата држава и делегациите од Бугарија
Остри осуди пристигнаа од Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија во врска со инцидентот на одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев кога членови на навивачки групи ги отстрануваа лентите од венците положени од бугарските делегации.
Од МНР велат дека официјално ја известиле и Бугарија дека македонските институции работат на откривање на сторителите.
„За овој настан, Министерството за надворешни работи официјално ја извести Република Бугарија дека надлежните институции на Северна Македонија веќе ги презедоа сите потребни чекори и постапки со цел откривање на сторителите на овој немил инцидент, преку кој се прави обид да се фрли сенка на обележувањето и чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, на неговиот гроб, но и на угледот на нашата држава и на делегациите од Бугарија кои учествуваа на овој свечен чин на чествување на оваа голема историска личност, значајна за сите нас“,
велат од МНР.
На 4 февруари, делегации на владите на Северна Македонија и на Бугарија учествуваа на манифестацијата по повод одбележување на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, при што положија цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“. Македонската делегација ја предводеше министерката за култура Бисера Костадинова-Стојчевска која беше придружувана од заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Делегацијата на Бугарија беше предводена од шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска. Во составот на бугарската делегација беа и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, претседателот на парламентарната Комисија за култура, Тошко Јорданов и бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов.