Судењето за случајот „Шпански скали” се одложува за 18 февруари поради отсуство на првообвинетиот, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е позитивен на ковид-19.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, на почетокот на денешното рочиште, информира дека одбраната на Јанакиески на 7 февруари поднела барање за одлагање на закажаното рочиште бидејќи тој е позитивен на ковид-19 и приложил решение за самоизолација од 3 февруари.
Во случајот „Шпански скали“, покрај ексминистерот Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска-Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов.
Јанакиевски, како првообвинет, и вработени во Министерството за транспорт и врски, во Катастар, нотари и бизнисмен, се осомничени во врска со склучување 4 договори за продажба на државно земјиште – на кое требало да се изградат хотелски комплекси. Една од парцелите била наменета за изградба на Шпанските скали.
Според ОЈО, тие во периодот од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во државна сопственост, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист.
Во предметот, според соопштението од обвинителството кога беше поднесено обвинението, обвинети се и: две службени лица кои вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на Договорот за оттуѓување и Законот за нотаријат; едно лице, сопственик на правно лице, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар; едно лице кое во својство на службено лице неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и едно службено лице кое со пропуштање на должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за оттуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на оттуѓувачот, несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.
Се работи за земјиште со вкупна површина од повеќе од 26 000 метри, а Буџетот, според обвинението, е оштетен за околу 2,6 милиони евра.