Имаме и заинтересирана авиокомпанија за реализација на оваа авиолинија и очекувам таа да стане редовна од почетокот на месец март, вели Бочварски
Првиот лет од Софија до Скопје ќе биде на 11 февруари, а редовните летови ќе започнат во март, најави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„На 10 февруари во Софија ќе имам работна средба со министерот Сабев, заедно со нашите тимови од Комисијата за транспорт и инфраструктура, а веќе наредниот ден на 11 февруари, ќе се реализира првиот лет Софија – Скопје, каде министерот, со бугарските тур-операторите ќе пристигнат во Скопје. На заедничката средба тука кај нас, вклучително и со нашите тур-оператори, ќе разговараме за воспоставување на оваа линија како редовна, со која ќе овозможиме нови поволности и најдобри солуции за нашите граѓани. Имаме и заинтересирана авиокомпанија за реализација на оваа авиолинија и очекувам таа да стане редовна од почетокот на месец март“,
порача Бочварски.

Тур – операторите од двете земји, на заедничката средба, ќе понудат и трета дестинација, екстензија од летот Софија – Скопје, која треба да понуди нови можности и да туристички и економски бенефит, додаде Бочварски.
Неговиот бугарски колега Николај Сабев исто така вчера најави дека првиот лет од Софија за Скопје ќе биде на 11 февруари и оти редовните летови ќе започнат во март, како и дека туроператорите од Бугарија и Северна Македонија треба да се договорат за туристички пакети со кои што ќе се зголемат меѓусебните посети на туристите од двете земји.
Бочварски и Сабев на 25-ти минатиот месец во Софија потпишаа два докумената за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје-Софија и за железничкиот Коридор 8. Документите беа потпишани по заедничката седница на двете влади.