Секое ново одложување на почетокот на преговорите со ЕУ неминовно влијае врз поддршката на граѓаните, но и врз апетитот на други големи сили на Западен Балкан, предупредил Ковачевски при работната посета на Брисел
Во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина, тој истакна дека изјавите на министерката за одбрана биле предмет на разни интерпретации и дека Северна Македонија ќе се придржува до позициите што се градат заеднички во НАТО, имајќи на ум и трговските односи со Русија
За решавање на спорот со Бугарија ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас, како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА по неговата прва работна посета на Брисел, седиштето на ЕУ и НАТО, каде тој оствари средби со челниците на овие две организации.

„Прво тие очекуваат разбирање помеѓу двете страни. Рамката која што ја поставивте како прашање нормално дека во текот на процесот треба да излезе некаква рамка којашто јас не ја гледам како некаков формален документ на хартија, што на крајот на денот веројатно и ќе биде ставено, меѓутоа рамката треба да претставува адресирање на отворените прашања помеѓу двете страни. Она што исто така го разговаравме тука е дека решението на прашањата треба да биде во духот на европските вредности, на взаемно почитување помеѓу двете држави и на задржување на достоинството на граѓаните и во едната и во другата држава. Кога ќе имаме такво решение тогаш ќе можеме да кажеме дека е нешто што може да се сподели, јас не би се врзувал за датуми“,
вели Ковачевски.
Она што е заедничко за сите овие средби е поддршката којашто ја добивме како држава во однос на реформските напори што ги правиме на патот кон Европската Унија, додава Ковачевски. Тој ги предупредил неговите соговорници и дека секое ново одложување на процесот неминовно влијае врз поддршката на граѓаните, но и врз апетитот на други големи сили на Западен Балкан.
„Се потврди дека за нас има позитивно мислење коешто е искажано во четирите позитивни последователни извештаи на Европската Комисија за Република Северна Македонија, и разговаравме за начинот и брзината со којашто би се одржала првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ“,
вели премиерот.
Коментирајќи го спорот со Бугарија, Ковачевски вели дека претходно, на средбите со бугарскиот премиер се согласиле дека во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави била водена од страна на пропагандисти коишто креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества. Затоа биле формирани работните групи во областа на економијата, на инфраструктурата, образованието, културата и европските интеграции кои треба да работат на теми коишто можат да имаат видливи бенефити за граѓаните, за компаниите, за образовните институции и за културните институции во двете држави.
„Паралелно нормално се одвива и процесот на разговори за политичките прашања коишто се отворени, тоа се води на ниво на Министерството за надворешни работи. Таму се работи на работни документи коишто не е добро да се споделуваат со јавноста со оглед на тоа дека не се официјални документи прифатени од двете страни, меѓутоа кога ќе имаме решение коешто е прифатливо на ниво на експерти, тоа сигурно ќе биде презентирано како на јавноста, така и на институциите коишто се задолжени за одобрување и прифаќање на такви документи согласно со законите и со уредувањето на двете држави…Историската комисија е составена од професори по историја и тие работат согласно својата методологија, со правила коишто ги имаат самите воспоставено како експерти и таа комисија се ко-претседава со двајца професори, едниот од нашата држава, другиот од Република Бугарија. Интенцијата на таа комисија е да излезат со заеднички став за отворените прашања и сметам дека не е корисно доколку едниот или другиот дел од комисијата излегува со неусогласени ставови бидејќи тоа креира атмосфера во којашто другата страна треба да одговара на прашања или тези коишто се поставени од страната што дала одредена изјава. За таа цел, и кога работеа другите групи, историската комисија, двајцата ко-претседатели кажаа дека ќе ја забрзаат нејзината работа со цел да дојдат до решенија коишто заеднички ќе можат да ги споделат со институциите во двете држави, коишто решенија ќе претставуваат основа за понатамошен развој помеѓу државите“,
вели Ковачевски.
Во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина, тој истакна дека изјавите на министерката за одбрана биле предмет на разни интерпретации и дека Северна Македонија ќе се придржува до позициите што се градат заеднички во НАТО, имајќи на ум и трговските односи со Русија.
„Голем број на претставници на институции даваат изјави во текот на нивното работење, така што тие изјави се интерпретираат на еден или друг начин. Она што го разговаравме со генералниот секретар на НАТО, и на прес конференцијата, е дека Република Северна Македонија останува посветена на НАТО. Ние сме дел од НАТО, учествуваме во носењето на одлуките на НАТО и се придржуваме до тие одлуки се разбира. НАТО е најголемиот одбранбен сојуз којшто се грижи за безбедноста за своите земји членки. Исто така, ја реафирмиравме нашата позиција дека треба да дојде до деескалација на тензиите во регионот на Украина и дека Русија треба да се вклучи во дијалогот НАТО-Русија, кој ќе се води на повеќе различни теми. Исто така го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја држава вклучително во овој случај и Украина, и се придржуваме до одредбите од Обединетите Нации на оваа тема. Во рамки на нашето Министерство за одбрана постои дневна комуникација со колегите од НАТО, нашата мисија во НАТО е дел од секојдневното работење и носењето на сите одлуки. Нашето МНР има изработено Оперативен план којшто се координира со земјите членки, а којшто се однесува доколку е потребно на згрижување на наши граѓани на територијата на Украина, тоа да биде направено на соодветен начин“,
вели премиерот.
На прашањето колку е важно земјава да одржи умерени и добри односи со Русија колку и да сме западно ориентирани, Ковачевски вели дека Русија е наш трговски партнер, но нашите одлуки ќе бидат во согласност со одлуките коишто се носат на ниво на НАТО.
„Нашите односи со Русија може да ги гледаме на два начини. Прво Русија е наш трговски партнер, со кој имаме размена на одредени производи и услуги. Меѓутоа другиот аспект е што ние сме земја членка на НАТО. Ние комплетно ги почитуваме одредбите од Вашингтонскиот договор и како земја членка на НАТО ние сме дел од најголемиот одбранбен воен сојуз во светот и сите наши одлуки ќе бидат во согласност со одлуките коишто се носат на ниво на НАТО. И кога ги гледаме изјавите на другите членки на НАТО тие се во согласност со одредбите на Вашингтонскиот договор и носењето на одлуки во НАТО.