Мора повторно да направиме анализа дали со повлекување на сертификатите ќе изгубиме нешто во темпото на вакцинација, бидејќи нашата основна цел е да го засилиме темпото на вакцинација, вели новиот претседател на Комисијата за заразни болести, Петличкоски
Ќе дебатираме за барањата за укинување на вакциналните сертификати, вели новиот претседател на Комисијата за заразни болести, Александар Петличкоски, во емисијата „360 степени“. Тој додаде дека мора да се анализира како тоа ќе влијае на темпото на вакцинација и дека не знае каков ќе биде исходот од таа дебата.

„Мора повторно да направиме сметка дали со повлекувањето на сертификатите ќе изгубиме нешто во темпото на вакцинација бидејќи нашата основна цел е да го засилиме темпото на вакцинација. Оваа мерка, воведување на сертификати, беше донесена во таа насока и навистина доведе до засилување, до зголемување на бројките во вакцинацијата“,
вели Петличкоски.

Според Петличкоски, повиците за укинување на сертификатите произлегуваат од фактот дека денес, за разлика од пред неколку месеци, почесто гледаме луѓе кои се заразуваат, а биле вакцинирани и имунизирани со прележана болест.
„Сертификатите го губат по малку значењето затоа што мерката – воведување на сертификати беше да се ограничи пристапот на неимунизирани луѓе до јавни места“,
рече тој.