„Ја завршуваме работната посета со средбите со драгите пријатели во Европската унија, домот на кој му припаѓаме. Се враќаме со силна поддршка која не мотивира да го интензивираме европеизирањето дома“, рече премиерот Ковачевски на крајот на дводневната работна посета во Брисел, додавајќи оти во Брисел сите се едногласни дека Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ веднаш
Лидерите на институциите на Европската унија се едногласни во поддршката за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија за отворање на поглавјата без одлагање, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на крајот на неговата дводневна посета на Брисел, додавајќи оти иднината на Северна Македонија е во европското семејство.
„Овде во Брисел ги известив нашите партнери од Европската унија за напредокот што го направивме заедно со Бугарија во продлабочувањето на добрососедската соработка. Јасна е и поздравена заложбата на двете земји за изнаоѓање решенија и интензивирање на дијалогот. Низ разговори со нашите пријатели Шарл Мишел во Европскиот совет и Роберта Мецола во Европскиот парламент, потврдена е отворената поддршка за одржувањето на првата меѓувладина конференција“,
рече Ковачевски.
Меѓу другото, премиерот се заблагодари за солидарноста покажана од страна на Европската унија за време на целата пандемија со коронавирусот, додавајќи дека „низ кризите си покажавме што значи да сме Европејци и што значи за Северна Македонија да има потпора во најтешките моменти“ и поздравувајќи го Економскиот инвестициски план за Западен Балкан како значаен чекор кој ќе значи реализација токму на таквите стратешки проекти.
„Ја завршуваме работната посета со средбите со драгите пријатели во Европската унија, домот на кој му припаѓаме. Се враќаме со силна поддршка која не мотивира да го интензивираме европеизирањето дома“,
заклучи Ковачевски по завршувањето на неговата прва официјална посета на европските институции во Брисел.
Тој потсети дека посетата ја започна со заедничката прес-конференција со генералниот секретар Јенс Столтенберг во НАТО и оти заедно го потврдиле единството по прашањата поврзани со Украина, и потребата од деескалирање и решавање на прашањата со Русија по пат на дипломатија, бидејќи, како што кажа, „ние сме НАТО, а НАТО е за мир и дијалог, за сигурност и безбедност“.