Ковачевски како особено значајна ја наведе плодната соработка на Северна Македонија со Европскиот парламент во рамките на дијалогот „Жан Моне“, преку дискусиите на Мешовитиот парламентарен комитет, како и посветената работа на пратениците на ЕП за напредокот на земјата во остварувањето на стандардите во процесот за пристапување во членство во ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски утрово во Брисел се сретна со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Ковачевски ѝ го честитал изборот на Роберта Мецола за претседателка на Европскиот парламент (ЕП) и изрази благодарност за континуираниот ангажман и подготвеност на Европскиот парламент во поддршката на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан да напредуваат во процесот на интеграција во ЕУ.
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, Ковачевски како особено значајна ја наведе плодната соработка на Северна Македонија со Европскиот парламент во рамките на дијалогот „Жан Моне“, преку дискусиите на Мешовитиот парламентарен комитет, како и посветената работа на пратениците на ЕП за напредокот на земјата во остварувањето на стандардите во процесот за пристапување во членство во ЕУ.

За време на разговорот во Европскиот парламент, Ковачевски ја истакнал силно изразената подготвеност на Владите во Скопје и Софија да ги удвојат напорите за подобрување на меѓусебните односи со јасни намери да го забрзаат процесот за одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ.
На средбата беше истакнат напредокот во реформите во судството и владеењето на правото препознаени и во последниот извештај на Европската Комисија, и беше нагласено дека Северна Македонија продолжува со силна политичка посветеност да ги имплементира позитивните препораки на Европскиот парламент за имплементација на реформите за да се заокружи стратегискиот проект за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Денеска е втор ден од посетата на Ковачевски на Брисел, прва од преземањето на функцијата премиер. Тој треба да се сретне со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, која беше одложена вчера поради лични причини.