Го цениме придонесот на владата на СДСМ во потпишување на договорите со Грција и со Бугарија. Сега е важно да се најдат решенија за актуелните итни прашања во процесот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, рекол бугарскиот европратеник и претседател на ПЕС


Новите раководства во Северна Македонија и во Бугарија се шанса за нова перспектива. Треба да се поддржат нивната добра волја и напори за изнаоѓање решение. Фокусот на заедничките интереси – за мир и безбедност во регионот, за инфраструктурно поврзување и инвестиции ни овозможува да гледаме не само на историските прашања, туку и на иднината, рекол европратеникот Сергеј Станишев, претседател на Партијата на европски социјалисти (ПЕЦ) и поранешен бугарски премиер, на денешната средба со македонскиот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој престојува во прва официјална посета на Брисел.
Овој пристап, рекол Станишев, ќе има поддршка од ПЕС.
Ковачевски се заблагодари за континуираната поддршка од ПЕС за демократските процеси во Северна Македонија, што денес резултираат со членство во НАТО и со напредување во патот кон евроинтеграциите, соопштија од СДСМ.
„Внесуваме нова, поинтензивна динамика, заедно со премиерот на Бугарија. Низ работните групи, но пред сè со позитивна волја на двете страни, посветени сме на изнаоѓање решенија. Верувам дека ова ќе придонесе за позитивна клима за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија“,
рекол Ковачевски.
Станишев, како што информираат од СДСМ, рекол дека ПЕС е политичко семејство во кое СДСМ е почитувана асоцирана партија, која со години постојано ја брани опцијата за членство во ЕУ за земјите од Западен Балкан.
„Го цениме придонесот на владите на СДСМ во потпишување на договорот од Преспа со Грција, како и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Сега е важно да се најдат решенија за актуелните итни прашања за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. ПЕС му се заблагодарува на поранешниот премиер Зоран Заев и на неговиот тим за нивното водство. За време на неговиот мандат беше обезбеден историски напредок за Северна Македонија и за европската перспектива на Западен Балкан“,
рекол Станишев.
На средбата, како што соопштија од СДСМ, е изразена поддршка и за одлучноста на Владата за независно функционирање на правосудниот систем. Исто така, заеднички е констатирано дека евроатлантските перспективи на нашата држава „веќе придонесоа кон развој на економската соработка со земјите во регионот и пошироко, што овозможи добро справување со пандемиската и енергетската криза“.