Двете Влади, како што се наведува во соопштенија на министерствата за надворешни работи, уште еднаш ги повикуваат сите фактори, вклучувајќи ги и членовите на комисијата за историски прашања, за одржување на веќе договорената динамика на активности, која соодветствува со новиот интензитет на засилена комуникација меѓу двете држави
Со речиси идентични соопштенија се огласија попладнево министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, посочувајќи дека работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања преставува важен елемент за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година.
Соопштенијата следат по, како што се наведува, последните јавни настапи на претставниците на заедничката комисија за историски и образовни прашања.
„Сакаме да потенцираме дека работата на Комисијата преставува нераздвоен дел од имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 година. Соодветно на најновата иницијатива на двете држави, потврдена во рамките на заедничката седница на двете Влади, за проширување и продлабочување на меѓусебната соработка во сите области, ја поздравуваме одлуката на двајцата копретседатели за интензивирање на динамиката на работата на Комисијата, со цел надминување на разликите за најчувствителните прашања. Ја разбираме потребата на членовите на комисијата, особено на копретседателите, јавно да ги изложуваат нивните погледи и ставови, но истите притоа не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете влади“,
се наведува во соопштението на македонското МНР.
Двете Влади, како што се наведува, уште еднаш ги повикуваат сите фактори, вклучувајќи ги и членовите на комисијата за историски прашања, за одржување на веќе договорената динамика на активности, која соодветствува со новиот интензитет на засилена комуникација меѓу двете држави, со цел да се искористи новиот моментум за соодветно надминување на разликите меѓу двете земји и откочување на процесот на европски интеграции на Северна Македонија.
На двете соопштенија им претходел телефонски разговор меѓу министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, при што, како што се соопштува, биле реафирмирани позициите за важноста од имплементација на целите дефинирани на заедничката седница меѓу двете влади, во интерес на зачувување создадениот моментум за градење пријателство и меѓусебна доверба.