Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на претставници од Софија, кои ќе положат венец на гробот на Делчев заедно со македонските министерка за култура и заменик-министерка за надворешни работи
Делегации од Бугарија утре ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје, по повод 150-годишнината од неговото раѓање, а во придружба на македонските министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменик-министерка за надворешни работи Фатмире Исаки.
Овој чин е предвиден како последен во утрешната агенда на Владата за одбележување на јубилејниот роденден на револуционерот.
„Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“,
се наведува во владиното соопштение.
Настаните по повод јубилејот почнуваат 10:00 часот, кога владина делегација ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, активност, во која, како што се наведува, се вклучени повеќе државни институции. Во владината делегација ќе бидат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
Подоцна, во 10:30 часот, владина делегација, составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, и советникот на премиерот, Едмонд Адеми, ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје, а во 11:00 часот на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот „Македонија“.
Во 12:00 часот, во Музејот на македонската борба, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе присуствува на свеченото отворање на изложба по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организирана од Државниот архив на Северна Македонија, а под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
Во 13:00 часот, на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ делегација на Владата на Северна Македонија, составена од министерката за култура и заменик министерката за надворешни работи, ќе положи венец заедно со делегации од Бугарија.
Во Софија, пак, бугарскиот премиер Кирил Петков утре ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина, заедно со в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крстевски.