На средбата со Баздникин, Мицкоски посочил дека е за „почитување на територијалниот интегритет на сите независни држави и за дипломатско надминување на сите различни ставови во поглед на актуелните прашања“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, не прецизирајќи дали овој став е во контекст случувањата меѓу Русија и Украина


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се пожалил дека земјава бележи политички и економски застој во процесот на интеграција во ЕУ, на денешната средба со амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека на средбата се разговарало за актуелната општествено-политичка и економска состојба, како и за меѓународните предизвици со кои се соочуваат регионот и светот. Притоа, Мицкоски посочил дека „Македонија бележи политички и економски застој во поглед на нашите стратешки цели членство во Европската Унија, при што сериозна препрека освен спорот со Бугарија преставува и отсуството на реформи на Владата“.
„Состојбата со корупцијата и селективната правда, кои се широко распространети, ја вбројува државата меѓу најкорумпираните во Европа и на дното на скалата на ‘Транспаренси’ која го мери индексот на корупција“,
истакна Мицкоски.
Тој оценил дека можеби најголемиот предизвик во овој момент е заштитата на економскиот стандард на граѓаните, спречување на инфлацијата и растечката сиромаштија.
„Секој ден народот се буди со нови цени и се пониски плати, додека владата нема слух за тоа што се реалните потреби на народот“,
посочил Мицкоски, додавајќи дека сериозен предизвик се и скапата струја и енергенси.
На средбата, како што соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ, станало збор и за меѓународните предизвици во регионален и поширок контекст. Мицкоски посочил дека е за “почитување на територијалниот интегритет на сите независни држави и дипломатско надминување на сите различни ставови во поглед на актуелните прашања“, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, не прецизирајќи дали овој став е во контекст случувањата меѓу Русија и Украина.