Од Министерството за здравство за МИА информираа дека до овој момент, во лабораторијата на ИЈЗ не се детектирани подваријанти на омикрон
Примероци од пет пациенти тестирани за ковид-19 со наменски тестови кои ги користи Институтот за јавно здравје се селектирани за секвенционирање, кое почнува во понеделник, и анализите треба да покаже дали кај нас ја има варијантата на омикрон позната како БА2. Одговорот ќе биде познат по една недела односно по завршувањето на секвенционирањето. Официјалниот извештај ќе следи откако ќе заврши целата процедура, изјави за МИА д-р Дугаџин Османи од Институтот за јавно здравје.
Петте земени примероци, посочува тој, имаат индиции на тестот на ИЈЗ дека се работи за таа подваријанта, но не може да се потврди додека не заврши секвенционирањето.
„Начинот да се потврдат кои било нови варијанти или тие што веќе се во оптек во светот е секвенционирањето. Во светот има и нови тестови кои даваат насоки за која варијанта или подваријанта се работи. Тие се наменски направени за постоечките варијанти. Во ИЈЗ ги користиме и тие тестови и тие најмногу користат како тест за селекција за секвенционирање. Не само тие пет може да има и други селектирани примероци. Можно е да се најде варијанта која воопшто не постои во светот“,
рече д-р Османи.
Од Министерството за здравство за МИА информираа дека до овој момент, во лабораторијата на ИЈЗ не се детектирани подваријанти на омикрон.
„Стручните лица ги селектираат примероците кои се квалификуваат за да се секвенционираат и јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови аспекти од овој процес“,
потенцираа од Министерството за здравство.