Министерот за здравство Беким Сали денеска се сретна со заменик-амбасадорот на САД во земјава Ерик Мејер кому му се заблагодарил за помошта
Министерот за здравство Беким Сали денеска се сретнал со заменик – амбасадорот на САД, Ерик Мејер на која изразил благодарност за континуираниот придонес во зајакнување на нашиот здравствен систем, како и за несебичната помош и поддршка од самиот почеток на кризата.
„Вкупната помош на американската Влада е над девет милиони американски долари за одговор на нашата држава во справувањето со ковид пандемијата, преку поддршка и зајакнување на лабораторијата во ИЈЗ, реконструкција на здравствени установи, како и средства со кои УСАИД ќе ја поддржи СЗО за континуирано зајакнување на капацитетот за подготвеност и одговор за итни случаи на здравствениот систем за време на пандемијата со цел обезбедување поголема покриеност и безбедна испорака на вакцините против ковид“,
објави Сали на својот Фејсбук профил.
Денешната средба, како што посочува, е во насока на дополнително зајакнување и уште еден чекор напред во унапредување на нашиот здравствен систем.
Сали објави дека денеска се сретнал и со амбасадорот на Албанија во државава, Фатос Река и дека дел од темите на средбата биле зајакнување на регионалната соработка во јавното здравство, имплементирање на глобалните и европски политики како и имплементирање на целите за одржлив развој на ОН.
„Заеднички договоривме натамошно продлабочување на соработката во повеќе сегменти на здравствениот систем, меѓусебна размена на искуства и следење на современите трендови во медицината. Му се заблагодарив на амбасадорот за посетата и се договоривме ваквите средби да продолжат и во иднина“,
напиша на својот Фејсбук профил министерот Сали.