Шефот на дипломатијата објави дека денеска почнало врачување на над 130 патни исправи, од вкупно 160 реализирани барања во Франција
Првите пасоши на македонски државјани во Франција ги предаде денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на неговата работна посета на Париз.
„Имав можност лично да ги предадам првите пасоши на нашите државјани, кои овој пат нивните исправи ги стекнаа на поедноставен, поефикасен и побрз начин, преку мобилната станица во Брисел, а преку која се покриваат нашите амбасади во Париз и во Хаг. Особено не радува кога при моите посети забележувам среќна дијаспора, наши граѓани кои пред сѐ се задоволни од услугите и ефикасноста на нашите амбасади и конзулати“,
напиша Османи на Фејсбук.
Тој посочи дека денеска почнало врачувањето на над 130 патни исправи, од вкупно 160 реализирани барања во Франција.
Османи, како и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во Париз ќе оствари средби со државниот секретар за европски прашања во француското Министерството за Европа и за надворешни работи, Клеман Бон, и со дипломатскиот советник за континентална Европа и Турција на претседателот на Франција, Емануел Макрон, Изабел Думон.
Во фокус на разговорите ќе бидат европските перспективи на земјава во светло на актуелното француско претседателство со Европската Унија, а се очекува да бидат разменети мислења и за други актуелни регионални и глобални предизвици. Во рамки на посетата предвидена е средба на Османи и Маричиќ и со сенаторот Робер Бадентер.