Докторите Бухова, Ставриќ, Стевановиќ, Костовска, Миленковиќ, Цана, Исјановски, Беќаровски, Лабуништа… се дел од новиот состав на Комисијата што ја формира новиот министер за здравство
Комисијата за заразни болести е формирана и надградена, истакна министерот за здравство Беким Сали по денешниот состанок на ова тело кое од денеска има нов состав.
За претседател на Комисијата за заразни болести е именуван Александар Петличковски, на местото на Жарко Караџовски, кој беше на чело на комисијата во периодот на министерувањето на Венко Филипче. И покрај тоа што е сменет од позицијата претседател, Караџовски и понатаму ќе биде член од Комисијата за заразни болести.
Новиот претседател на Комисијата е директор на Институт за имунологија, каде што се вршат тестирања, анализи и истражувања поврзани со реакцијата на антитела на оздравените, како и за соевите на коронавирусот.
„Цел на комисијата ќе биде артикулитрање на научните податоци и нивно применување на нашите околности. Ќе се држиме исклучиво до научните докази и целта е нив да ги направиме прифатливи за околностите кај нас “,
изјави Петличковски на прес-конференција.
Доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом – Скопје, пак, е назначен за лице надлежно за односи со јавноста во име на Комисијата.
Како што најави министерот за здравство на денешната прес-конференција, Комисијата ќе се состанува секој вторник, па дури и почесто доколку има потреба за тоа. Состаноците ќе ги свикува претседателот на Комисијата, Петличковски, а по потреба и самиот министер ќе присуствува на состаноците.
Дел од новиот состав на Комисијата за заразни болести, покрај Петличковски и портпаролот Мехмедовиќ, се и:
- д-р Кристина Ставридис
- доц. д-р Шабан Мемети
- проф. д-р Калина Грифчева Ставрова
- проф. д-р Невзат Елези
- д-р Дугаџин Османи
- д-р Жарко Караџовски
- Д-р Иринка Сотирова Бухова
- проф. д-р Кристина Ставриќ
- д-р Милена Стевановиќ
- проф. д-р Звонко Миленковиќ
- д-р Фадиљ Цана
- научен соработник Марија Динзова
- д-р Илир Демири
- д-р Виктор Исјановски
- д-р Билјана Деспотовска Ристовска
- проф. д-р Ниќо Беќаровски
- д-р Арбен Лабуништа
- д-р Марија Дуганова
- д-р Марија Маневска
- д-р Јованка Костовска
- д-р Златко Арсениовски
- д-р Драган Ѓорѓиевски






Претходно министерот за здравство преку фејсбук-статус упати јавна покана до докторите Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски да бидат дел од новата Комисија за заразни болести. Доколку, пак, не можат да бидат дел од Комисијата, Сали им предложи да бидат дел од неговиот тим на советници.
Неговата понуда да бидат дел од Комисијата за заразни болести или, пак, негови советници не беше прифатена ниту од Пановски, ниту од Даниловски ниту, пак, од Марковски, а до него беа упатени и забелешки оти поканата ја упатил преку фејсбук-статус.
На тоа, министерот Сали истакна дека не е време за молење и за дискусии затоа што во „време на пандемија, кога се бориме со вирусот не треба да се занимаваме со начинот на кој дошла поканата, туку да се приклучиме и да дадеме придонес за постигнување ако не постојано, барем привремено решение“.