Годишниот извештај на Јавното обвинителство покажува дека покрај недостигот на обвинители, се кубури и со стручни соработници, референти, истражители… Извештајот за 2020 година покажува дека од 1 180 предвидени места, пополнети биле 345
Заклучно со 2020, јавните обвинителства во земјава работеле со недостаток од 60-тина обвинители. Од предвидените 258 јавни обвинители, колку што предвидел Советот на јавни обвинители, до крајот на 2020 биле пополнети само 194.
Меѓутоа, и да се пополнети сите 258 места, повторно ќе има недостаток, бидејќи анализата што ја направиле од Јавното обвинителство на РСМ покажува дека за нормално функционирање на обвинителствата потребни се вкупно 287 јавни обвинители.
Па така, ако се земе предвид оваа бројка (287) и бројката на јавни обвинители кои работеле заклучно со 2020 година (194) се доаѓа до пресметка дека на почетокот на минатата година имало недостаток од 93 обвинители.
Овие податоци се дел од Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства кој денеска беше на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу задниците.
Најмногу непополнети места, според годишниот извештај за 2020, имало во Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје кое е обвинителството со најголем број предмети. Според систематизацијата од Советот, во ова обвинителство потребни се 69 обвинители, но 2020 година ОЈО Скопје ја завршило со недостаток од девет обвинители. Според анализите на Јавното обвинителство, пак, за ова обвинителство не се доволни ниту 69, односно проценуваат дека во ОЈО Скопје треба да работат 80 обвинители.
Од државното обвинителство анализираат и дека зголемување на бројот на обвинители е потребен и во ОЈО за гонење организиран криминал – треба да има четворица обвинителни повеќе од предвиденото односно вкупно 21.
Поголем број обвинители од тоа што предвидува систематизацијата, според анализата, потребни се и во кумановското и во битолското обвинителство – вкупно 14 во ОЈО Куманово, а 12 во ОЈО Битола што е за по тројца обвинителни повеќе од предвидените.

одлуката на Советот на јавни обвинители / Извор: Годишен извештај на ЈО на РСМ за 2020
Зошто обвинителството смета дека треба да има повеќе обвинители отколку што пресметал Советот?
Годишниот извештај на обвинителството, во однос на кадровската екипираност, содржи две табели и анализи. Едната е колку обвинители се потребни согласно одлуката на Советот на јавни обвинители, кој наведува потреба од 258. Другата, пак, е веќе спомената анализа што ја правило самото Јавно обвинителство и според неа потребни се 287 обвинители.
Овие потреби јавното обвинителство ги истакнува повикувајќи се на зголемените надлежности ја јавните обвинители.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во својата анализа на капацитетите на јавното обвинителство, имајќи го предвид Законот за кривичната постапка и улогата на јавниот обвинител во кривичната постапка, со кој зголемени се надлежностите на јавниот обвинител во постапката, утврди дека е потребно зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства со јавни обвинители, јавнообвинителска стручна служба и технички персонал. Од анализата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се утврдува дека е потребно зголемување на бројот на јавните обвинители на 287 распоредени по јавните обвинителства“,
пишува во извештајот на Јавното обвинителство.

Дел од овие податоци за недостатокот на обвинители се променети со оглед дека во текот на 2021 беа распишани и реализирани неколку огласи. Оние кои беа распишани во 2020, а завршиле лани се констатирани и во годишниот извештај.
„Советот на јавните обвинители во 2020 година објави три огласи и тоа: за Основен јавен обвинител на ОЈО Гевгелија, за Основен јавен обвинител на ОЈО Струга, пет јавни обвинители во ОЈО ГОКК и пет јавни обвинители во ВЈО Скопје. Изборот на јавните обвинители заврши во 2021 година“,
пишува во Годишниот извештај.
Изборите на јавните обвинители кои следуваа во 2021, а кои не се дел од Годишниот извештај што денеска се разгледува во собраниската комисија со оглед дека тој се однесува на 2020, беа унапредувања на обвинителите од СЈО. По распадот на тимот предводен од Катица Јанева, обвинителите се вратија во нивните матични обвинителства, а дел од нив во април лани добија унапредувања. На, пример, Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов од основните обвинителства во кои се вратија, беа унапредени во обвинители за гонење организиран криминал и корупција. Со нив, тогаш во тимот на Вилма Русковска заминаа и Наташа Поп Трајкова од ОЈО Струмица и Катерина Коларевиќ од ОЈО Скопје.
Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми, на истата седница на Советот во април лани, беа избрани за виши обвинители во Скопје. Покрај нив, во хиерархиски повисокото обвинителство тогаш преминаа и дотогашниот шеф на ОЈО Скопје, Сашо Рајчев, скопската обвинителка Снежана Бундалевска-Георгиевска, како и Наум Паноски кој дотогаш работеше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Скопското обвинителство, кое по унапредувањето на Рајчев во виш обвинител беше раководено в.д. шеф, пред две недели доби нов прв човек. Гаврил Бубевски, кој беше дел од СЈО, беше избран за шеф, а уште еден негов колега од тимот на Јанева, Стевчо Донев од обвинител во ОЈО Кочани беше унапреден во виш обвинител во Штип. На оваа седница што се одржа на 18 јануари, Советот на јавни обвинители го избра Бесир Алиу за шеф на ОЈО Тетово, а Соња Симовска и Љупчо Коцевски за обвинители во Јавното обвинителство на РСМ.
Предвидени 1 180, а пополнети само 345 други работни места
Покрај со обвинители, според извештајот за 2020 јавните обвинителства во државата кубурат и со останатиот кадар, како јавнообвинителски службеници, советници, стручни соработници …
На пример, според правилникот утврдено е во јавните обвинителства да има 1 180 работни места: 202 за раководни јавнообвинителски службеници, 258 самостојни референти, 128 референти како и стотина стручни соработници на различни нивоа. Меѓутоа, заклучно со 2020 пополнети биле само 345.
„Во текот на 2020 година по пат на јавен оглас на неопределено време од планираните 70 извршители се вработени 47 извршители, од кои 6 вработени кои вршат помошно технички работи и 41 јавнообвинителски службеници. Поголем дел од нововработените се на работни места за стручни работи, меѓутоа пополнетоста на сите профили на службата е сè уште на многу ниско ниво, односно пополнети се само 345 работни места, од вкупно предвидените 1 180. Или, како пример од предвидени 202 раководни јавнообвинителски службеници пополнети се само 11“,
констатира Јавното обвинителство во Годишниот извештај.