Законот за задолжителна вакцинација завршува да важи во 2024 година, но тоа може да се случи и порано доколку пандемијата го дозволи тоа

Во Австрија од денеска стапува во сила законот за задолжителна вакцинација на сите лица повозрасни од 18 години, кој беше најавен уште пред неколку месеци и предизвика масовни протести во Виена и другите градови од земјата.
Неколку држави ширум светот воведоа задолжителна вакцинација, но само за повозрасните граѓани или медицинскиот персонал, а Австрија е прва во Европа која се одлучи за слична регулатива.
Австриската администрација истакна дека вакцинацијата е ефикасна во борбата против сериозно заболување и дека законот е неопходен за да се избегнат нови рестрикции.
Австрискиот министер за ЕУ и Устав, Каролин Едштадлер, изјави дека администрацијата е свесно дека ова е многу тешка, но и неопходна мерка.
„Ние, како политичари, имаме одговорност да ја осигураме работата на системот за здравствена заштита, за општеството да може нормално да функционира“,
рече Едштадлер.
Таа признава дека задолжителната вакцинација е мешање во човековите права, но и истакнува дека во овој случај е оправдано.
„Неопходно е да се излезе од пандемијата, а вакцинацијата е единствен начин за да го вратиме животот во нормала“,
вели таа.
Едштадлер нагласи дека законот за задолжителна вакцинација завршува во 2024 година, но дека тоа може да се случи и порано доколку пандемијата тоа го дозволи. Таа додаде и дека властите до средината на март нема да го проверуваат статусот на вакцинација на жителите.
Лицата што ќе одбијат да се вакцинираат ќе се соочат со парични казни од 600 до 3 600 евра. Исклучок од вакцинација е дозволен само од медицински причини или бременост.