Министерот на почетокот на второто полугодие од оваа учебна година посака директорите да ги спроведуваат здравствените протоколи и кажа дека сите изминатите десетина дена, колку што е на функцијата, од школите го информирале дека се подготвени за стартот на наставата

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на првиот ден од второто полугодие од оваа учебна година, немаше конкретни информации за тоа колку наставници и деца се болни од ковид-19, но вели дека според комуникацијата што ја имаш со директорите на школите не станува збор за огромен број. Од денеска, рече тој, ќе бидат во секојдневна комуникација со директорите па попладне ќе ја има првата информација колку од децата и наставниот кадар се болни.
„Јас во вторникот имав комуникација со Комисијата за заразни болести и денеска пак тие имаат состанок. Според податоците, тие ја знаат вкупната бројка. Според комуникацијата на Министерството со директорите нема огромен број на позитивни случаи на наставници или професори и на деца. Од денеска до петок секојдневно можете да се обратите до МОН, ќе бидеме во редовна комуникација и со вас (медиумите) и со училиштата. За мене поважно беше образовниот процес да почне, поважна беше информацијата од директорите дека се подготвени, поважна беше одлуката на Комисијата за заразни болести дека имаме услови за физичко присуство. Од денеска сите професори влегуваат во настава, првата информација ќе ја имаме денеска за да знаеме како се движи бројката на позитивни“,
рече Шаќири при посетата на училиштето „Битолски конгрес“ во Чаир.
Министерот очекува денеска или на некоја од наредните седници Комисијата за заразни болести да има одлука и околу тоа дали би се правен повторно скрининг во училиштата, како и за носењето маски додека децата се во школо.
На почетокот на второто полугодие од оваа учебна година тој посака директорите да ги спроведуваат здравствените протоколи и кажа дека сите изминатите десетина дена, колку што е на функцијата, го информирале дека се подготвени за почетокот на наставата.
„Посакувам сите директори да се придржуваат на сите протоколи за да се заштити здравјето и да се овозможи оваа учебна година да се заврши со физичко присуство. Јас како министер и мојот кабинет ќе бидеме во секојдневна комуникација со сите претставници во основните и средните училишта за да ги земеме предвид сите секојдневни движења за да имаме предвид како тече образовниот процес“,
рече Шаќири.
Поради влошената епидемиолошка состојба, почетокот на второто полугодие беше одложен за десетина дена и започна денеска (1 февруари) со физичко присуство.