Сертификатите во случај на вакцинација со една доза, ќе важат девет месеци од примањето на дозата, а во случај на вакцини со две дози, ќе се сметаат девет месеци од втората доза
Од утре во сила стапуваат нови правила за патување со ковид-сертификати во Европската Унија, а сертификатот ќе важи девет месеци, јави МИА од Брисел.
Европската комисија им налага од 1 февруари на сите земји членки во ЕУ да ги приспособат правилата за ковид-сертификатот во случај на патување, сертификатите за вакцинација ќе важат 270 дена, или девет месеци, од последната доза на примарната серија на вакцинација.
Во случај на вакцина со една доза, девет месеци од дозата, во случај на вакцините со две дози ќе се сметаат девет месеци од втората доза.
Овие правила не важат за засилувачките дози, нагласува Европската комисија.
Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс објасни дека новите ЕУ-правила за рокот на траење на сертификатите за вакцинација во контекст на патување во ЕУ го одразуваат фактот што ефикасноста на вакцината се намалува со текот на времето, поради што е важно да се прими засилувачка доза.
„Со поддршка од експертите од Европскиот центар за спречување и контрола на болести и Европската агенција за лекови, Комисијата одблизу ќе следи дали ќе бидат потребни дополнителни приспособувања на правилата“,
додаде Рејндерс.
Овие правила важат само во случај на патување во ЕУ, но не и за внатрешна употреба на сертификатите за вакцинација во земјите членки.