Функцијата која ја извршуваше Ковачевски во владата на Заев, сега треба да ја преземе Филип Николовски, а предлогот за заменик-министер за здравство, Владимир Рендевски, е кадар од Клиниката за неврохирургија од каде дојде и претходниот министер Венко Филипче

Централниот одбор (ЦО) на СДСМ на онлајн-седница вечерва ги утврдил предлозите за заменик-министри во новата владата предводена од Димитар Ковачевски.
Според партиското соопштение, социјалдемократите ќе имаат тројца заменик-министри чии имиња, на предлог на Ковачевски, ЦО вечерва ги утврдил, по што ќе бидат предложени до Собранието.

За функцијата која во последната влада на Зоран Заев ја извршуваше актуелниот премиер Димитар Ковачевски, СДСМ го предлага Филип Николовски. Николовски, велат од партијата, е независен финансиски и инвестициски експерт, со долгогодишно искуство во финансиите и инвестициското банкарство.

Во Министерството за здравство, каде министерското место СДСМ го препушти на новиот коалициски партнер Алтернатива, социјалдемократите ќе имаат заменик. За оваа позиција го предлагаат докторот Владимир Рендевски, кој доаѓа од истата клиника како и доскорешниот министер Венко Филипче.
„Тој е доцент по хирургија и неврохирургија на катедрата на Медицинскиот факултет во Скопје, докажан хирург на Универзитетска клиника за неврохирургија, кој има објавено над 70 стручни трудови“,
наведуваат од СДСМ.
Рендевски е актуелен директор на Клиниката за неврохирургија.

Третото заменичко место СДСМ ќе го има во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), како што беше случај и досега. За таму социјалдемократите предлагаат позицијата да ја задржи досегашниот заменик Александар Бајдевски, кој е дипломиран економист во насоката финансиско сметководствен менаџмент.