Првиот јавен настап на Иванов, по заминувањето од претседателската функција, помина неславно, така што тој не успеа да го заврши својот говор, откако се вклучи сигналот за тревога
„Македонија можете да ја запознаете ако ја посетите и ако ги видите сите нејзини убавини…“ Среде оваа реченица на претходниот македонски претседател Ѓорге Иванов се вклучува алармот во една сала во Мелбурн, Австралија, каде што тој држи говор пред наши иселеници.
Првиот јавен настап на Иванов, по заминувањето од претседателската функција – на 12 мај минатата година, помина неславно. Експретседателот не успеа да го заврши својот говор, на донаторска вечера, организирана од Македонската добротворна организација, откако се вклучува алармот. Од снимката што ја објави порталот „Фаланга“ се гледа како Иванов потоа излегува надвор од салата, заедно со сопругата Маја Иванова, додека пред објектот пристигнува противпожарно возило.
Засега нема информации која е причината поради што се вклучил алармот за време на излагањето на Иванов, кој во тој момент се пошегува: „Да не ме предупредуваат дека треба да прекинам со говорот“.
„Македонци се тие што успеваат. По нив нè знае светот. Македонија се вели дека можете да ја запознаете ако читате за нејзината историја. Но, по 10 минути читање за нашата историја, добивате мачнина во стомакот поради тоа низ што сè сме поминале и какви траги сме оставиле. Се вели дека Македонија можете да ја запознаете и ако ја посетите и ги видите сите нејзини убавини што ги има…“,
зборуваше Иванов, цело време нагласувајќи го старото уставно име на државата, додека зад него, покрај државното знаме на Северна Македонија, стои и знамето со сонцето од Кутлеш. Но, неговото излагање беше прекинато од звукот на сигналот за тревога.
Според информацијата што ја објави „Фаланга“, по вклучувањето на алармот, се создала паника, така што Иванов и сите присутни биле евакуирани од салата. По безбедносните проверки на зградата, присутните се вратиле во салата и Иванов, како што се пренесува, го продолжил својот говор.
Тој деновиве престојувал во посета на Австралија, на покана на Македонската добротворна организација. Инцидентот се случил на добротворна вечера на која Иванов имал обраќање.
Во изминатите девет месеци Иванов речиси воопшто не беше присутен на домашната јавна сцена, откако му ја предаде функцијата на Стево Пендаровски и се пресели во новиот кабинет во кулите на „Џеваир холдинг“ во населбата Аеродром. Последната година од вториот мандат на чело на државата, Иванов ја помина во кохабитација со владата на СДСМ и на ДУИ и во знак на опструкции и оспорувања на Преспанскиот договор.
На 11 февруари Иванов не присуствуваше на свечената седница во парламентот по повод предвремената ратификација на Северноатлантскиот договор, чие стапување во сила ќе значи и официјализирање на членството на земјава во Алијансата. Претходно, претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека на седницата ќе бидат поканети и поранешните шефови на државата, кои се дел од државниот протокол.