Во мај 2020 година, тогашната министерка за правда Рената Дескоска, заедно со шефот на републичкото обвинителство, претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје и преставници од Делегацијата на ЕУ во земјава, ја „отворија“ најголемата судница во Северна Македонија. Целта на објектот е таму да се судат најтешките случаи поради големите трошоци но и безбедносните ризици за транспорт на осомничените и осудените лица при таквите судења
20 месеци подоцна, во објектот се уште не се одржало ниту едно судење. Не се купени мебел и опрема, што беше обврска на македонските власти во заедничкиот проект
Ангажирање за возила и луѓе, специјални единици со автоматски пушки во центар на град, па и трансфери со хеликоптер. И по неколку десетици илјади евра чини секое рочиште за големите судски случаи, само за транспорт и обезбедување на обвинетите и осудените.
Ваквите сцени веќе требаше да бидат минато, бидејќи пред 20 месеци беше промовирана најголемата судница во земјава, веднаш до затворот Идризово. Денеска, објектот изграден со пари од ЕУ и опремен со пари од САД, сепак, не работи. Зошто?
Судница има речиси две години ама никако да се купи мебел
Овие згради пред распаѓање се дел од затворот Идризово. Зад прозорците престојуваат луѓе кои издржуваат казна досудена од судовите. Погледот од тие прозорци завршува на голема парцела, на која има новоизграден објект вреден 1,3 милиони евра.
Парите за изградба ги дадоа граѓаните на Европската Унија, преку ИПА програмата „Поддршка за секторот правда“. Во опремувањето помогнаа и даночните обврзници на Соединетите Американски Држава. А намената на објектот е судница и тоа најголемата во државата.
„Да, ова е судницата која е предвидена за исто време да има 120 луѓе внатре. Што значи дека тие 120 луѓе се вклучени судии, адвокати, обвинители и посетители. Заради начинот на кој се одвива судењето предвидено е една преграда која треба да биде физичка бариера помеѓу судскиот дел и делот за посетители“,
вели Стоилко Милојески, архитект кој е ангажиран на конкретниот проект на Управата за извршување на санкции
Но, на физичка бариера, маси и столчиња се чека речиси две години – до таков заклучок се доаѓа ако се спореди актуелната состојба со фотографиите од мај 2020 година, кога судницата ја промовираа претставници од владата, обвинителството, судството и донаторите.
Зошто нема мебел прашавме на друго место, бидејќи нашиот домаќин немаше мандат да одговара на тие прашања, туку само да ни објасни на што се се мислело кога е граден објектот. На пример, дека во судницата има четири влеза, со што се гарантира дека нема да има контакт меѓу јавноста, обвинетите, обвинителите и судиите.
„Ова е просторијата каде се влегува со безбедносно возило каде доаѓаат притворените лица во присуство на службени лица, затворска полиција. Значи овде паркираат возилата. Притворениот лица, следени од службените лица продолжуваат во дел каде што има ќелии за притворени лица“,
вели Милојески.
Во просторот за притвореници има ќелии и тоалет, а целиот простор треба да биде под физички и видео надзор. Но, тука се отвора уште едно прашање – кој ќе биде надлежен за управување со објектот – затворот или скопскиот Кривичен суд? Или, додека е јасно дека затворската полиција ќе се грижи за спроведувањето и обезбедувањето на притворените и осудените лица, не се знае кој ќе биде надлежен, на пример, да врши проверки кој влегува во судот или да го следи видео надзорот.
Нашиот домаќин не беше надлежен да одговори и на тоа прашање, па продолживме со обиколката на делот каде ќе бидат сместени судиите, обвинителите и адвокатите кој е спроти влезот за тие на кои им се суди.
„Целиот овој коридор ја поврзува просториите наменети за судии. Комплетно со санитарен дел, чајна, кујна која треба да обезбеди нормално функционирање на службените лица од страна на судии и адвокати.
– Дошол ли некој од кривичниот суд да ги разгледа барем условите?
Јас искрено не сум имал прилика иако сум целосно вклучен во ова. Ние сме имале прилика и по наше барање да некои информации од кривичен суд да добиваме. Нормално сме добивале максимална поддршка од нив, но физички досега не сме добиле посета“,
вели Милојески.
Одвоени и од судиите и од јавноста се и адвокатите, во посебен коридор. Со него, се затвора кругот и се враќаме на главниот влез, односно она што треба да биде чекална.
„Во овој дел, како што гледате недостасуваат делот за столчиња и фотелји евентуално. Ќе има, се тоа ќе биде опремено евентуално и ќе биде функционално.
-Кога, штом веќе спомнавте?
Ах, кога. Тоа е веќе малце тема за анализа од повеќе службени лица“,
вели Милојески.
Управата најавува – тендерот ќе се распише наскоро
Само неофицијално, причината што судницата не работи се 50-ина илјади евра кои Владата треба да ги вложи како партнер во проектот. Од Управата за извршување санкции, која ја координира градбата и управувањето на судницата, се фокусираат на тврдењето дека процесот тече.
„За жал, не е функционална од проста причина што трае опремување на истата пред се од технички аспект. Законите за јавна набавка се такви какви што се, мораме да бидеме внимателни. Во овој момент, во тек е изработката на техничката спецификација за мебел за доопремување на судницата“,
изјави Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкции.
Освен што 20 месеци се работело на техничка спецификација за распишување на тендер за мебел, Спасовски вели дека, во меѓувреме, била набавена опрема – скенери, аудио и видео средства за потребите на судењата. Купеното, сепак, е од странски, а не со пари од македонскиот буџет.
И додека надежите се дека мебелот ќе стигне за двегодишнината од отворањето на објектот, се уште нема јасен одговор други прашања – на пример, дали судиите се согласни да патуваат и судат во Идризово.
„Не сум имал контакт со претставници од Кривичното суд, односно од судиите кои ќе судат во таа судница и не го знам нивниот став. Меѓутоа, го знам ставот на нас, како Управа за извршување на санкции дека ова е многу сериозен, позитивен чекор во делот на правосудството, од проста причина што судницата е во склоп на КПД Идризово. Тука е предвидено да се гради и централен притвор со што би се намалиле трошоци за спровод на осудени и притворени лица“,
вели Спасовски.
„360 степени“ се обрати и до Кривичниот суд во Скопје. Прашавме – дали имале состаноци со Судскиот совет, Управата и Министерството за правда, дали судиите се согласуваат да судат во Идризово, но и кој ќе биде надлежен за обезбедување на зградата, бидејќи судовите примарно ги обезбедува судска полиција.
Во однос на надлежноста за безбедноста, судот ја префрла одговорноста кај Управата:
„Морате да се обратите директно во Управата за извршување санкции, со оглед дека и во однос на прашањето за транспорт и обезбедување на притворените или затворени лица кои се странки во судска постапка, надлежна е Управата преку казнено-поправните установи каде лицата ја отслужуваат затворската казна или притворот“,
одговорија од Кривичниот суд во Скопје.
За сите други прашања, добивме одговор во кој, практично, се вели дека со Управата разговарале само за одредени технички аспекти.
„Кривичниот суд учествувал во неколку консултативни состаноци во однос на просторните услови и видео и аудио опремата која се користи во судската сала бр. 1 во Кривичниот суд, а кои може да се искористат како пример во проектирање на конкретната судница за која прашувате.“
одговорија од судот.
Ниту збор дали судиите се согласни или не да судат во Идризово.
Додека на македонската извршна и судска власт некако не им се брза со судницата во Идризово, главниот донатор посакува таа веќе да работеше. Меѓу другото, затоа што истекол гарантниот рок за градежните работи.
„Се разбира, не е идеално. Би сакале да видевме дека веќе е во употреба. На еден начин, многу активности беа одложени поради ковид-кризата, но се разбира би сакале да видевме се да е готово порано“,
изјави Фрек Јанмат, шеф на оддел за економски развој и владеење на правото, Делегација на ЕУ во Скопје.
Фрек Јанмат, кој е шеф на одделот за економски развој и владеење на правото при мисијата на ЕУ во земјава, дополнува дека Унијата е задоволна од посветеноста на надлежните на темата – владеење на правото. Па и покрај очекувањата судницата веќе да функционира, има разбирање што се уште не е така.
„Разбравме дека владата има резервирано пари за работи како мебел и опрема за безбедност уште минатата година. Но, се случија одложувања, делумно поради ковид, што резултираа со тоа да не се одржуваат судења. Имаме блиска комуникација со надлежните, со министерството за правда дека наскоро ќе има судења во објектот и дека во првата половина на годината се предвидува објектот да биде функционален“,
изјави Фрек Јанмат, шеф на оддел за економски развој и владеење на правото, Делегација на ЕУ во Скопје.
Став од Управата за извршување на санкции дека најдоцна до летово ќе има судења во Идризово доби и „360 степени“. За да има судења, сепак, мора да има и мебел, а огласот за негова набавка, до објавувањето на оваа сторија, не е распишан.
И додека се чека тендерот за мебел кој не би требало да вреди повеќе од 50 илјади евра, ќе продолжиме да сведочиме на вакви сцени во центарот на Скопје.