Иако има се повеќе успешни примери, спроведувањето на Оперативните планови се чини дека засега не ги дава планираните резултати
Една од главните пречки што го отежнуваат вработувањето на овие лица е законското ограничување според кое – ако едно лице од семејство кое користи социјална помош се вработи и зема плата повисока од помошта од државата, целото домаќинство го губи правото на ГМП. Па, младите се принудени, барем на хартија, да се одделат од семејствата, за да не го загрозат нивниот статус
Во екот на здравствено-економската криза расте бројот на социјални случаи во земјава.
„Секој ден се умира. Три-четири дена и после чекај цел месец социјално“,
„Лошо. Не можеме да постигнеме со ништо“,
велат членови од семејството Мемедови од Делчево – корисници на Гарантирана минимална помош.

Новиот закон за социјална заштита им ја зголеми државната парична помош, но дали успева да ги извлече од „магичниот круг“ на сиромаштијата?
„Редовен барател на работа сум, но немам никаков одговор“,
вели Сејдије Салиоска од Прилеп.
Што недостига за вработување на социјално загрозените граѓани и зошто се уште одбираат да работат на „црно“?
„Не е убаво заради јас што ќе се вработам, сите дома да ја изгубат социјалната помош“,
вели Емануел Ќазимовски – корисник на ГМП.

Четиригодишниот Џан од Делчево има една новогодишна желба.
-Сакаме пица.
-Пица? Нема сине. Кога ќе земеме социјално тогаш.
-Пари?
-Нема пари.
му одговара Рамизе Мемедова на нејзиниот внук.
Но, неговите најблиски имаат други приоритети – да го преживеат месецот.
„Секој ден се нервираш, ова нема, она нема, а внуците бараат, мене ме боли душата. Нема“,
вели таа.
Семејството Мемедови живее од социјална помош од седум илјади денари месечно, според новиот закон позната како гарантирана минимална помош или скратено – ГМП. Но, листата на основните трошоци за живот е поголема.
„Порано, пред да се покачи социјалното, живеевме со две илјади. Ама исто е сега, ако е покачено, пак скапо е се, продукти…и нема. Нема живот“,
вели Мемедова.
Во обид да обезбеди некој денар повеќе, Рамизе Мемедова на педесетгодишна возраст завршила обука и неколку месеци работела како негувателка на стари лица. Но од годинава, вели, не може да работи, бидејќи за истиот ангажман и побарале доказ за завршено основно образование.

„Седум илјади доволно беа да можам да тргнам на страна за дрва итн.. Друго е кога имаш приход. Со социјално, не се живее“,
вели таа.
Слична судбина дели и нејзината ќерка. Селма Шаќирова неодамна останала без работа, во текот на бременоста. Сега, со нејзиното семејство, живее само од додатокот за трето дете.
„Само мажот ми земаше социјално само за него. После се венчавме и ни го укинаа, бидејќи имаме приход за трето дете. Тешко е, пелени требаат, млеко треба, за друго нема“,
вели Шаќирова.

Ковид-кризата, пак, им ги ограничи алтернативите за приход и од неформалниот пазар.
„Јас одев и кај жени чистев, ама сега никој не те вика, бидејќи има вирус“
вели Рамизе Мемедова.
„Кај ќе бараш, кај ќе најдеш работа денес?! Нема нигде. Кај ќе ме вработи мене некој на 65 години? И да сакам да работам, не можам“,
вели сопругот на Рамизе, Шерив Мемедов.
Но, покрај ова семејство, во земјава има уште голем број социјално загрозени граѓани.
Според статистиките на Министерството за труд и социјална политика, бројот на домаќинства што живеат од социјална помош од државата е во пораст.
Aко во 2017 година имало околу 27 000 приматели, до 2021 година бројот е зголемен за речиси 10 000 нови домаќинства. Исплатата на помошта за овие семејства само лани ја чинеше државата над 46 милиони евра.
За намалување на сиромаштијата и зголемување на ефикасноста на социјалните трансфери, во 2019 година беше воведена крупна реформа. Социјалната помош се замени со Гарантирана минимална помош, која заедно со детскиот, образовниот и енергетскиот додаток ги зголеми приходите на овие семејства.

„Резултатот од социјалната реформа е многу значаен за 30 000 домаќинства или околу 120 000 граѓани веќе три месеци земаат социјална помош повисока во просек за 300%“,
порача тогашната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Но, освен зголемување на паричната помош, главна цел на реформата беше и корисниците да се извлечат од сиромаштија, преку нивно вработување. Клучни алки во тој процес се Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување, кои носат и спроведуваат соодветни планови.
Обуки, субвенции за самовработување и за отворање нови работни места се само дел од активностите за поттикнување на вработувањето на ранливите категории.
„Откако ќе се зајакне самодовербата и мотивацијата на корисниците на ГМП се создава една стабилна основа за вклучување на овие лица на пазарот на труд. Исто така, со измените во законот и со заедничката соработка меѓу институциите се зајакнува довербата на овие лица во самиот систем односно дека не е целта тие да бидат исклучени од системот на социјална заштита, туку да им се даде едно поинакво, подобро решение, а тоа е да бидат активирани на пазарот на труд“,
вели Марија Димитријевска – Раководителка на Центар за вработување – Куманово.
Иако има се повеќе успешни примери, спроведувањето на Оперативните планови се чини дека засега не ги дава планираните резултати. Односно, со плановите, годишно се предвидува за 1 200 корисници на ГМП да се подготват индивидуални планови за вработување, со кои треба да им се овозможи да се вклучат во некои од мерките и услугите на активација на пазарот.

Според статистиките на Агенцијата за вработување, од предвидениот годишен опфат, во 2019 година се вработиле 288 лица, а 173 лица биле на обуки и практикантство за што им следува одреден паричен надомест. Во 2020 година бројката на вработени пораснала на 342 лица, додека лани биле вработени 444 социјални случаи, а стотина посетувале обуки и практикантство.
Сумирано – за три години од 2019 до 2021 година се вработиле околу 1 100 лица корисници на социјална помош од повеќе од триесетина илјади домаќинства кои користеле ГМП во тој период. Каде се останатите?
Додека институции тврдат дека посветено работат на терен за вработување на социјално загрозените граѓани, нивната помош не допира до секој.

-Се пријавувам секој месец, редовен барател на работа сум, но немам никаков одговор.
-Не ве повикале од Агенцијата за вработување?
-Не, oд Агенцијата ме немаат повикано.
вели Сејдије Салиоска од Прилеп.
Дваесет и петгодишната Сeјдије Салиоска од Прилеп има диплома за високо образование од битолскиот државен Факултетот за информатички технологии, но досега не успеала да се вработи. Па, помош бара од невладиниот сектор. Ги посетува работилниците за стекнување на работни вештини и пракса на Коалицијата „СЕГА“.

„Бизнис секторот има помал слух за ваквите програми, но преку нашата програма се обидуваме да воспоставивме контакти и да направиме мечинг на нашите учесниците со приватниот сектор“,
вели Нела Исмаилоска од Коалицијата „СЕГА“.
Такво искуство имал и Алмир Еминоски. Но…
„Јас бев на пракса како авто-електричар. За да се вработам би сакал и јас, ама мислам дека треба повеќе време искуство, нели работодавачите бараат искусни луѓе…сакам и јас да се вработам, ама ќе ми треба помош“,
вели тој.
Според Нела Исмаилоска од Коалицијата „Сега“, се уште е проблем тромоста на институциите кога е во прашање зајакнувањето на конкурентноста на пазарот на овие граѓани.
„Сметам дека со ваквите програми ние имаме поголема промовираност, додека Центрите за социјална работа не се трудат можеби доволно да ги промовираат своите програми со цел да им помогнат на ромското население и на ранливите групи“,
потенцира Исмаилоска.
Една од главните пречки што го отежнуваат вработувањето на овие лица е законското ограничување според кое – ако едно лице од семејство кое користи социјална помош се вработи и зема плата повисока од помошта од државата, целото домаќинство го губи правото на ГМП. Па, младите се принудени, барем на хартија, да се одделат од семејствата, за да не го загрозат нивниот статус.

„Живеам со нив, ама не земам социјално со нив. За во случај ако се вработам, да не го изгубат тие социјалното. Со мене не се знае, планирам и да се отселам, и ако јас се вработам, па се отселам, а тие поради мене го изгубат социјалното, не е фер. Не е во ред“,
вели Салиоска.
Поради истиот проблем, Емануел Ќазимоски одбил неколку понуди за работа, бидејќи чека да заврши процедурата со која треба да се откаже од користењето на Гарантирана минимална помош. Дотогаш, вели, не сака да ризикува, за да не остане и без работа и без социјална помош.
„Не е убаво заради јас што ќе се вработам, сите дома да ја изгубат социјалната помош“,
вели Ќазимоски.
Дека ваквите пречки ги демотивираат социјалните случаи да бараат работа, потенцираат и од невладината „КХАМ“ од Делчево.
„Предлогот на граѓанскиот сектор е доколку некое лице се вработи од семејство на ГМП, семејството да може да го користи ГМП и приходот од лицето вработено – до висина од потрошувачката кошничка за едно семејство, ако е четиричлено семејство тоа е до 34 000 денари. И истовремено, веднаш да се следат и другите лица да се поттикнат и другите членови да се прилагодат на пазарот на трудот за што поскоро да можат да излезат од магичниот круг, од кој, верувајте дека тешко се излегува“,
посочува Зоран Биковски од „КХАМ“.
Биковски потенцира дека во активацијата на пазарот на трудот не смеат да се заборават и повозрасните граѓани.

„Не можеме да ги изедначиме со младите лица од 25, 30 години, да ги даваме истите субвенции за работодавачите. Логично е дека работодавачот ќе избере лица кои се помлади, пообразовани и на кои може да сметаат на подолг животен и работен век“,
вели тој.
„360 степени“ побара оценка за спроведувањето на реформата и од надлежните – Министерството за труд и Центарот за социјална работа во Скопје. Раководните лица на институциите одбија да зборуваат пред камера.
Од Агенцијата за вработување, пак, уверуваат дека се посветени на подобрување на системот.
„Секој почеток е тежок. Се движиме во вистинска насока, се работи на градење на капацитетите од аспект на човечките ресурси, се вложува во обука на човечки ресурси и технички капацитети, бидејќи неопходна е поддршка и од технички аспект за да имаме добар ИТ систем којшто ќе може да ги даде потребните информации, така што со тек на време мислам дека ќе ги добиеме очекуваните резултати“,
вели Димитријевска.
За социјалната реформа да ја исполни својата мисија, потребни се ажурни институции и мерки креирани според потребите на граѓаните. Само така би се прекинал кругот – на младите во наследство да им се остава и сиромаштијата. Дотогаш единствена надеж останува гарантираната минимална помош.