Од Обвинителството издадена е и наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот на местото каде што се случи несреќата

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Скопје синоќа изврши увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, во која животот го загуби едно лице, а уште едно беше повредено, информираат од Обвинителството, при што откриваат детали за синоќешната несреќа во која животот го загуби 24-годишна девојка.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил „ситроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди, оштетената починала на самото место, додека другиот пешак е повреден и пренесен во болница.
Издадена е и наредба за вештачење на примероци на крв и урина на 22-годишниот возач.
„По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, а нареди и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот со цел да се утврди дали тој управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции“,
се вели во соопштението на ОЈО.
Од Обвинителството издадена е и наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот на местото каде што се случи несреќата.
Се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување, информираат од ОЈО.