Во последните седум месеци Собранието не успеа да избере тројца нови уставни судии на местата на оние на кои им истекоа мандатите во текот на пролетта
На уставниот судија Јован Јосифовски денеска му завршува деветгодишниот мандат, соопштија од Уставниот суд.
Тој е избран за судија на Уставниот суд на 24 декември 2012 година, а неговиот работен однос почна на 14 јануари 2013 година.
„Судијата Јосифовски даде придонес со своето активно учество во работата на судот и во изминатите девет години му беа доделени 228 предмети“,
соопшти Уставниот суд.
Со завршувањето на мандатот на Јосифовски, Уставниот суд останува да функционира со пет судии, од вкупно девет предвидени со Уставот.
Во последните близу седум месеци Собранието не успеа да избере тројца нови уставни судии на местата на оние на кои им истекоа мандатите во текот на пролетта. Со оглед на нефункционалноста на собраниската Комисија за избори и именувања, која сега нема ни претседател, прашање е дали во блиска иднина оттаму можат да се очекуваат официјални предлози за нови уставни судии, за кои потоа треба да одлучува парламентот со апсолутно мнозинство.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во изјава за „360 степени“ на крајот на декември рече дека со ваков редуциран број судии не може да одлучува во случаи за кои е предвидено двотретинско мнозинство. Тоа, како што вели, се неколку ситуации, ама, нагласува, сепак е најдобро судот за биде во целосен состав заради довербата во одлуките што ги носи во функција на уставноста и законитоста.
„Уставот предвидел деветмина судии да бидат дел од Уставниот суд и преку нивното одлучување, учество во расправи и давање на мислења да обезбедат тежина на одлуките кои гарантираат уставност и законитост и ги штитат човековите права и слободи. Со ваков редуциран број на судии не може да се одлучува во случаи за кои се предвидени најмалку шестмина судии. Тие се неколку ситуации во кои Уставниот суд би се соочил со блокада, но загриженоста за пополнување на три судиски места и уште едно после празниците, не е само за овие случаи во кои е нужно двотретинско мнозинство,“
рече Кацарска за „360 степени“.
Такви претпоставени ситуации во кои би можел да се најде судот се малку и главно се однесуваат на шефот на државата:
- Според член 83 од Уставот, претседателот ужива имунитет. За одземање на имунитетот на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
- Претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.(член 87 од Уставот)
- Уставниот суд на седница избира претседател на судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.(член 7 од Деловникот на Уставниот суд).