Во Италија се регистрирани два смртни случаи како последица на коронавирусот. Првата жртва е маж на 78-годишна возраст, кој починал во болница во Падова, каде бил хоспитализиран со уште едно лице позитивно на коронавирус, јавува италијанската новинаска агенција Анса.
Починатото лице престојувало во болницата десет дена поради болест неповрзана со коронавирусот.

Втората жртва е жена. Бројот на заразени во Италија порасна на 29, а сите се жители на регионите Ломбардија и Венето.
Стотина луѓе се уште чекаат резултати од тестовите дали се позитивни на коронавирус додека повеќе од 50 илјади граѓани во провинцијата Лоди во Ломбардија се во карантин во своите куќи.
Во местото Кодоњо, во кое во петокот наутро беше објавено дека шест лица се позитивни на коронавирус, меѓу кои е и 38-годишен маж кој е на интензивна нега, се затворени сите места за јавни собирања.
Градоначалникот на тоа место со 15 илјади жители, Франческо Пасерини, нареди итно затворање на училиштата, дуќаните, баровите, салите во следните пет дена.
Сите училишта се затворени и во Кремона.