Најавената посета на бугарскиот премиер, Кирил Петков, за 18 јануари останува во агендата за истиот датум, со оглед дека дотогаш ќе заврши неговата изолација поради контакт со лице позитивно на ковид-19.
Од Министерството за надворешни работи (МНР) контактирале со бугарските колеги, по што соопштија дека останува утврдениот датум за посетата.
„По денешните консултации меѓу двете министерства за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, констатирано е дека одлуките на здравствените власти на Република Бугарија, за самоизолација на дел од владиниот кабинет на премиерот Петков нема да ја променат претходно договорената рамка за посетата на високата владина делегација на Скопје. Соодветно, информираме дека терминот 18 јануари останува како утврден датум за реализација на посетата, која се очекува да соодветствува и со изборот на новата Влада во земјава“,
велат од МНР.
Првичните информации од бугарска страна беа дека посетата ќе се одложи бидејќи Петков бил во контакт со заразен со ковид-19 за време на вчерашниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедноста кај претседателот Румен Радев на кој се расправаше за Северна Македонија.
Претстојниот викенд се очекува да се избере и новата влада во земјава откако денеска мандатарот Димитар Ковачевски до Собранието го поднесе предлогот за новиот владин состав и програмата. На средбата со Талат Џафери, претседателот на парламентот го информираше мандатарот дека седницата за избор на новата влада ќе ја свика в сабота (15 јануари) во 11 часот.