Пандемијата на ковид-19 и воведувањето на заштитните мерки за заштита и ограничувања, го намалија бројот на склучени бракови во земјава. Но, статистиката покажува и намалување на стапката на разводи.
За склучување брак во време на пандемијата се воведоа и протоколи. Присуството на гостите беше сведено на минимум со почитување на пропишаните мерки за заштита, како одржување дистанца, носење маски и дезинфекција.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во 2020 година, во споредба со претходната година, е намален за 25,6 отсто и изнесува 10 278.
Најмногу бракови, односно 1 423 или 13,8 отсто биле склучени во август, а најмалку во април – 162 или 1,6 отсто.
Статистиката покажува дека најчесто паровите стапувале во прв брак со учество од 94,1 отсто за жените и 92,8 отсто за мажите. Во втор брак со учество од 6,5 отсто и трет брак со учество од 0,6 проценти, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.
Најголем број бракови – 3 380 или 32,9 отсто кај жените се случиле на возраст од 20 до 24 години, додека кај мажите од 3 780 бракови или 36,8 проценти во брак стапиле на возраст од 25 до 29 години.
Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27 години за невестата и 29,7 години за младоженецот.
Според статистиката и бројот на разводите во 2020 година бележи намалување од 21,2 отсто во споредба со 2019 година и изнесува 1 569. Во текот на годината најмалку бракови 29 или 1,8 проценти се разведени во мај, а најмногу 199 или 12,7 отсто во јули.
Според возраста, најголем број разводи се случиле во истата старосна група од 35 до 39 години, и тоа 278 или 17,7 отсто кај жените и 262 или 27,7 проценти кај мажите.
Според траењето на бракот, најмногу разводи 324 или 20,7 отсто се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.