„Разрешен судија“ повеќе не е ретка комбинација на зборови во насловите на македонските медиуми. Само во минатата 2021 година, „црвен картон“ од Судскиот совет добија седум судии. Во 2022, пак, за нецели месеци до Судскиот совет стигнале 17 барања за утврдување одговорност на судии
Зголемениот број разрешувања на судии не поминува и без критики. Дел од невладиниот сектор и судиите критикуваат дека аргументацијата на одлуките за разрешување судии од страна на Судскиот совет често се апстрактни, недоволно објаснети и со стереотипни аргументи

Судскиот совет во текот на 2021 година разрешил седум судии. Петмина судии биле предмет на „истрага“ и биле разрешени поради нестручно и несовесно вршење на судската функција, а двајца поради сторена потешка дисциплинска повреда.
Во текот на минатата календарска година, вкупно до Судскиот совет се поднесени 90 барања за утврдување одговорност на судија или претседател на суд и тие опфаќале дури 142 судии, со оглед дека во едно барање може да бидат опфатени повеќе судии.
Овие податоци, како дел од годишниот извештај за работа, вчера на Денот на правосудството, пред јавноста ги презентира претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска.

Според информациите што ги изнесе претседателката, од овие 90 барања, до крајот на 2021 г., 62 кои опфаќале 89 судии биле отфрлени, две барања се презаведени како претставки, за еден судија од основен суд е утврдена дисциплинска повреда, додека 25 барања кои опфаќаат 49 судии останале во работа за оваа година. За дел од нив во првите три месеци од годинава, пак, веќе е донесена е одлука односно да се продолжат постапките против тројца судии, а да се запрат четири постапки кои опфаќаат 12 судии.
Црвенкоска сподели и дека од почетокот на 2022 година до Судскиот совет има 17 нови барања, за кои се формирани комисии да постапуваат, при што шест барања се отфрлени во прва фаза, а во работа остануваат 11. Во извештајот за годинава ќе влезат и две парични казни за претседател на основен суд за кој е утврдено дека работел несовесно и за еден судија кој не постапувал по предмети.
Барања за утврдување одговорност може да достави секој што има докази дека одреден судија ги прекршил законските норми – граѓани, граѓански здруженија, правни субјекти, државни институции, но одлуката за разрешување или друга казна ја носи само едно тело – Судскиот совет на РСМ.
Каква била состојбата во претходните години
Во 2020 година, пак, предмет на работа во Судскиот совет биле 58 барања за одговорност кои опфаќале дури 140 судии. Четириесет и пет биле отфрлени, а за еден судија била изречена поблага дисциплинска мерка – писмена опомена.
Кога се во прашања разрешувања, пак, во 2020 биле разрешени петмина судии во постапки кои почнале во 2019 и 2018 година.
Годишниот извештај на Судскиот совет за 2019 година не дава конкретна бројка на барања, но е наведено дека тие се однесувале на 107 судии. Шеесет и седум барања биле отфрлени, а во истата година биле запрени и 22 постапки, дел почнати во 2019 година, а дел претходно.
Во 2019 г. имало и четири разрешувања од кои три постапки биле започнати уште во 2017 г.

За годините претходно кога во сила беше и стариот Закон за судски совет и постапка се поведуваше по барање на Советот за утврдување факти, пак, бројките на судии за чија работа дискутирале членовите на Судскиот совет е далеку помала. На пример, во 2018 г. Советот работел на седум барања за десет судии, како и на пет поднесени годината претходно од кои само за едно до крајот на 2018 г. имало одлука за разрешување. Во 2017 г. се постапувало по само седум барања од кои две се отфрлени, за еден судија е запрена постапка, а еден бил разрешен. Другите постапки заклучно со крајот на годината останале во тек. Во 2016 г., пак, немало ниту едно разрешувања, а предмет на работа биле три барања за исто толку судии од кои едно било отфрлено, додека две останале да се завршат наредната година.
Во извештајот на Судскиот совет за 2015 г. се констатира дека од 20 мај оваа година постапките за судии се поведувале по барање на Советот за утврдување факти и таа година имало едно барање за еден судија за кој била донесена одлука да се разреши.
Колку разрешувања вратил Врховниот суд и зошто

Од презентираните податоци, јасно е дека во последните три години Судскиот совет нагло го зголемил бројот на разрешувања на судии. Дел од нив се имиња добро познати за јавноста, како Јово Вангеловски, поранешен претседател на Врховниот суд, Лидија Неделкова, своевремено претседателка и на Врховниот и на Основниот кривичен суд во Скопје, Татјана Михајлова, од Основниот кривичен суд која, исто така, одреден период беше на чело на овој суд, како и Софија Лаличиќ, исто така од скопскиот кривичен суд.
Кога Судскиот совет ќе одлучи да разреши судија, тој има право на жалба до Врховниот суд. Врховниот суд потоа формира совет составен од врховни, апелациски и судии од судот од каде што доаѓа жалителот. По жалбите на Вангеловски, Неделкова, Михајлова и Лаличиќ, Советот во Врховниот суд одлучи дека Судскиот совет правилно ја применил својата надлежност. Меѓутоа, во други случаи, на пример, за врховниот судија и експретседател на Кривичен, Стојанче Рибарев, и двајцата апелациски судии во Штип, Сузана Здравева и Зоранчо Мицевски, Советот во Врховниот суд одлучи да им ги прифати жалбите.
Ова не се единствени случаи каде што Врховен не се согласил со одлуката на Судскиот совет. Во 2021 г. биле примени три одлуки од Врховен со кои решенијата за разрешувања се потврдуваат, но и три со кои предметите се враќаат на повторно одлучувања. За 2020 година во годишниот извештај нема податоци, а за 2019 г., кога имало четири разрешувања, е наведено дека Врховен потврдил две решенија, а едно укинал и ја вратил постапката на почеток.
Но, вистинското прашање не е колку, туку зошто? Што прави погрешно Судскиот совет, па Советот во Врховниот суд им го укинува секое второ разрешување? Претседателката на Судскиот совет, во одговорот за „360 степени“ се повикува на тајноста на постапката додека таа не е правосилна.
„Одлуките на Врховен суд со кои постапките се враќаат на ново одлучување во Судскиот совет практично значат дека комисијата повторно закажува расправа, одново се повикува судијата, повторно се оди на доказна постапка и се спрема нов извештај и повторно се одлучува на седница на Советот. Постапката и понатаму останува тајна се до правосилност, па затоа не може да се објавуваат детали од одлуките на Врховен“,
рече Црвенковска.
Критики од набљудувачите: Отсуствуваат аргументи
Секоја држава има свој систем и за избор и за разрешување на судии. Во случајот на Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, особено е важно тој систем да биде заснован на јасни и објективни критериуми. Токму поради критиките од Брисел тој систем доживеа неколку реформи во изминатите десетина години. Начинот на разрешување на судиите не ретко беше „црна точка“ во извештаите на напредокот на земјата на Европската комисија, поточно дека тоа се прави спротивно од заложбите за транспарентност и објективност.
Во последните неколку години нема такви критики од Брисел, но почнаа да се јавуваат негодувања дома. Од Коалицијата „Сите за правично судење“, невладина организација која ја следи работата на Судскиот совет, велат дека повторно има недостатоци.
Првата забелешка на извршната директорка Натали Петровска е дека недостасува транспарентност во разрешувањата. Фактот дека постапката за утврдување одговорност, како што предвидува и законот, е од доверлив карактер не им дозволува увид на набљудувачите во текот на процесот. Така, заклучоците се носат по објавувањето на анонимизираните решенија за разрешување.

„Важно е да се напомене дека ваквите решенија се објавуваат со задоцнување, а и најголемиот дел од овие решенија беа објавени откако Судскиот совет беше предмет на критика во поглед на недостигот на транспарентност и отчетност во овој поглед. Сепак, донесените решенија од Советот содржат многу апстрактни и стереотипни аргументи за тоа зошто Советот е уверен дека судијата постапувал нестручно и несовесно, а што е уште побитно, отсуствуваат аргументи зошто Советот смета дека изречената санкција е најсоодветната санкција која може да биде изречена“,
вели извршната директорка на Коалицијата, Натали Петровска.
Како пример за „апстрактен“ или „стереотипен“ аргумент, таа посочува разрешување на судија поради долгото траење на судски процес, а за тоа разрешување образложението било дека судијата не искористил можност што ја нуди законот иако, нагласува Петровска, таквата можност никогаш и не била користена во пракса.
„Воедно, предметот не е единствен предмет во тој суд кој трае подолго од просекот и истиот ги исполнува критериумите на сложен случај. Ова во отсуство на доволно образложенија остава сомнеж за пропорционалноста на санкцијата со сторената повреда, па затоа е од исклучително значење Советот да го унапреди суштинскиот дел од образложенијата на одлуките. Врз основа на погоре наведеното, неопходно е да се преземат мерки од страна на Судскиот совет да се унапреди квалитетот на понудените аргументи во насока на детално и прецизно образлагање на одлуките, како и нивно навремено објавување на веб-страницата на Судскиот совет“,
вели Петровска.
Едно од ретките разрешувања кои се одвиваа пред очите на јавноста беше на судијката од Врховниот суд, Лидија Неделкова, во февруари 2021 година. Иницијативата против неа ја поднесе нејзиниот поранешен колега, исто така разрешениот судија Јово Вангеловски. Тој до Судскиот совет имаше наведено три причини зошто Неделкова треба да се разреши, меѓу кои едната беше дека не сакала да прима предмети додека работела во Одделот за судења во разумен рок. Неделкова тогаш бараше јавноста да присуствува на седниците на Советот кога се расправаше околу нејзината работа и таму и пред медиумите таа зборуваше за нејзините аргументи против сите три причини од кои Вангеловски бараше нејзино разрешување, а за една од нив (дека не примала предмети) правеше паралела со случај на нејзина колешка.

„Јас и колешката Марика Матевска за истото ова ни беше поднесена постапка. Нејзината се запре и замислете сега оваа моја постапка ќе биде различна, а за потполно истото. Не се работи за предмети кои не сум ги зела бидејќи во извештајот се прикажува дека тие веднаш треба да се земат. Тие беа предмети од 2017 и 2018 година, а тоа се случуваше 2019 година. Значи тие не беа решение од 2-3 судии, не беа мои предмети“,
зборуваше Неделкова.
Тогаш, по тајното гласање, тогашниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, изјави дека разрешувањето е поради немарно и несовесно работење.
„Разрешувањето е поради ненавремено, немарно несовесно извршување на нејзините работни обврски. Повреда на Судскиот деловник односно Кодексот за судска етика и сите три потврди се основани. Одлуката е донесена едногласно“,
изјави Здравев по седницата на 16 февруари 2021 година.
Стразбур забележува на повредата на членот 6 од Конвенцијата за човековите права и слободи

По ваквата одлука во Судскиот совет, Неделкова се жалеше, а Советот за одлучување по жалби во Врховниот суд ја одби жалбата и ја потврди одлуката за разрешување на 29 јуни 2021 г. Поранешната судијка не застана тука и отиде до Стразбур.
На почетокот на месецов беше обелоденето дека тамошниот Европски суд за човекови права (ЕСЧП) ја прифатил жалбата, па сега постапката пред домашните институции ќе се повтори.
Претседателката на Судскиот совет, Црвенковска, вчера, на новинарски прашања поврзани со оваа тема, рече дека досега имало седум вакви одлуки од Стразбур и она што е утврдено во сите е повреда на членот 6 од Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи. Овој член го гарантира правото на правично судење.
„Судот во Стразбур, не само изминатата година, зборувам досега, укинал одлуки во седум предмети. Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на членот 6 на Декларацијата за основните човекови права и слободи и ги укинал одлуките на Судскиот совет и на Врховниот суд. Во тој случај, Судскиот совет ја повторува жалбите. Прво советот за жалби во Врховниот суд ги укинува одлуките, а потоа ние ја повторуваме постапката. Во тие седум предмети е постапено согласно насоките на ЕСЧП“,
рече Црвенковска.
Повторувањето на постапката врз основа на одлука од ЕСЧП е предвидено и со Законот за судски совет.
„Кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на човеково право или основните слободи предвидени со Европската конвенција за заштита на основните човекови права и основни слободи и Дополнителните протоколи на Конвенцијата, кои Република Северна Македонија ги ратификувала во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, во постапка пред Советот и Врховниот суд на Република Северна Македонија, судијата или претседателот на судот чие право е повредено во постапките може во рок од 30 дена, но најдоцна во рок од три години од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права да поднесе барање до Советот за повторување на постапката“,
пишува во ставот 1, член 73 од Законот за Судски совет од 2019 година.
Транспарентноста е максимална кон странките, тврди Црвенковска

Актуелната претседателка на Советот, Павлина Црвенковска, во вчерашниот отчет за сработеното во 2021 година, зборувајќи општо за транспарентноста, се пофали дека еден од поважните документи кој бил донесен во Судскиот совет е Стратегијата за комуникации и транспарентност, како и тоа што откако таа е чело на ова тело, седниците на Судскиот буџетски совет се отворени, а и вработен е портпарол за подобра комуникација со јавноста.
Во однос на забелешките од невладиниот сектор за разрешувањата, пак, Црвенковска во разговорот со „360 степени“ нагласи дека не се согласува со критиките за транспарентноста и вели дека одлуките се и јасни и транспаренти. Додаде и дека Советот е транспарентен кон јавноста онолку колку што дозволува законот, а кон странките транспарентноста е максимална.
„Транспарентност кон јавноста во врска со текот на постапките не е можна затоа што законот наложува овие процеси да се одвиваат тајно, пред сè заради почитување на честа и угледот на судијата, како и заштита на неговиот идентитет, па затоа седниците на кои се води доказната постапка во врска со евентуалната одговорност кај некој судија се затворени за новинарите, па така информациите не стигаат до граѓаните. Но, има максимална транспарентност кон странките во постапката, а тоа впрочем и не може да е поинаку“,
рече Црвенковска која ја објаснува и постапката што е пропишана во Законот за Судски совет.
На почетокот на една постапка за утврдување од одговорност кај судија, по пат на ждрепка, се формира тричлена комисија од членовите на Советот. Таа комисија потоа проценува анализирајќи ги доказите, дали има основа да се отвори постапка и подготвува информација до Судскиот совет кој на седница одлучува дали ќе се продолжи понатаму или не. И во случај да се продолжи и на крајот да се разреши судијата, вели Црвенковска, одлуката се објавува, но без името на судијата.
„Ако одлучи дека постапката продолжува тогаш се повикува и судијата и подносителот на барањето, кој има право да биде застапуван преку адвокат, и пред комисијата се соочуваат аргументите и доказите. Практично самиот начин на организирање и спроведување на постапката наложува таа да биде со почитување на правото за еднаквост на двете страни. По завршување на расправата комисијата подготвува извештај до седница на Судскиот совет. Откако ќе се донесе одлука на Судскиот совет тогаш јавноста има право да знае каква одлука е донесена, но немаме право да го објавиме името на судијата, а дополнително се чека и правосилност на одлуката. Одлуките ги објавуваме навремено и целосно, а јавноста може да ги прочита на нашата интернет страница и во ‘Службен весник’. Со искажаното погоре потврдивме дека постапките се стандардизирани и за сите судии кај кои се испитува одговорност се идентични“,
објасни претседателката на Судскиот совет.
Какви се перцепциите на судиите за разрешувањето

Што мисли судската фела е комплицирано прашање, бидејќи судиите традиционално, но и поради природата на професијата, речиси никогаш не искажуваат мислења за темата во јавноста. Сепак, за потребите на истражувањето со наслов „Влијанието на мерит-системот врз судската независност и професионалност во Северна Македонија“ објавено во септември 2021 година, од Коалицијата „Сите за правично судење“ спроведоа анонимни полуструктуирани интервјуа со 16 судии.
Судиите, како што констатираат од Коалицијата, истакнале загриженост за легитимитетот и кредибилитетот што го ужива Судскиот совет. Забележуваат и дека многу брзо се посегнува по најстрогата мерка – разрешување.
„Судиите сметаат дека Судскиот совет има големи дискрециски овластувања за да утврди дали постојат законски основи за разрешување на судиите, поради што е особено битно Советот да ужива голема доверба во јавноста и меѓу судиите со цел да може неговите одлуки за разрешување или дисциплинска одговорност да бидат прифатени. Како посебна загриженост во овој контекст, судиите го истакнуваат фактот што за краток период се разрешени неколку судии од истиот суд, иако Судскиот совет досега има разрешено исклучително мал број на судии. Дополнително, судиите истакнаа дека во последните неколку случаи на разрешување на судиите, директно е посегнато кон најстрогата мерка, без претходно да биде изречена или барем разгледана полесна дисциплинска мерка“,
пишува во истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Тоа, според дел од судиите, може да укаже на недостиг на планско и стратегиско постапување од страна на Советот кога станува збор за уедначување на практиката за утврдување одговорност на судиите.
Судиите истакнале и дека одлуките на Судскиот совет за утврдување дисциплинска одговорност или разрешување не се лесно достапни, но и дека не се доволно образложени. Попрецизно, деветмина од интервјуираните судии рекле дека воопшто немаат видено одлука на Судскиот совет за разрешување или дисциплинска мерка, додека останатите што имаат видео сметале дека образложенијата се нецелосни и недоволно јасни. Како посебно проблематично, според еден дел од интервјуираните судии, е што при утврдување на одговорност на некој судија се гледала само неговата работа во конкретен предмет, а не целосната работа со цел да може да се изрече најпогодната санкција.
„Критериумите се стандардизирани, но не се применуваат онака како што треба. Судскиот совет мора да има јасна слика за целокупната работа на судијата. Најнапред е неопходно да се спроведе детална анализа и да се увиди зошто е направен пропустот од судијата, а дури потоа судиите да се разрешуваат доколку се утврди дека целта не може да се постигне и со полесна мерка“,
рекол еден од интервјуираните судии.
Сепак, нагласуваат од Коалицијата, имајќи предвид дека ваквите одлуки на Судскиот совет се тешко достапни и нив ги имаат разгледано само пет судии кои успеале да дојдат до вакви одлуки преку лични контакти, останува тешко да се оценат перцепциите на судиите во поглед на тоа дали овие одлуки се базирани на доволен број докази.
„Сепак, судиите што успеале да дојдат до ваквите одлуки сметаат дека тие не се базирани на доволен број докази, што според нив е и главната причина поради која отсуствуваат подетални образложенија и аргументација за донесената мерка. Согласно изнесеното, навистина е тешко да се одреди дали критериумите за утврдување на дисциплинска одговорност или разрешување на судија се доволно стандардизирани, како и тоа дали постапките за утврдување одговорност се доволно предвидливи“,
пишува во анализата.
Дали и што може да се промени
Со нашите соговорници разговаравме и за тоа што и како може да се промени околу транспарентноста и отвореноста во работата на Судскиот совет. Актуелната претседателка на Советот, Павлина Црвенковска, вели дека генерално тешко може да се промени системот на постапување кога се утврдува одговорност на судиите. Прво, вели таа, законските одредби ограничуваат дека постапката мора се води тајно.
„Тричлената комисија се формира на затворена седница без јавно соопштување на нивните имиња. Потоа, соочувањето на двете страни се одвива на затворено рочиште затоа што законот го штити идентитетот на судијата. И на крајот, јавноста може да биде запознаена со случајот откако Судскиот совет на седница ќе донесе одлука за конкретен судија, но повторно таа останува покуса за името на судијата, како и за детали од предметот за кој се испитува неговата одговорност во оној дел каде што исто така постојат законски ограничувања. Сето она што на Судскиот совет му е дозволено да го објави и да го образложи тоа и го прави“,
вели Црвенковска.
Од тие причини, нагласува таа, и во иднина секоја одлука што ќе ја објавуваат за нечие разрешувања ќе биде толку содржајна колку што дозволува законот, но уверува оти судијата секогаш ќе биде детално запознаен.
„Иако јавноста останува посиромашна за некои информации и податоци, сепак судијата што се повикува на одговорност е целосно запознаен со случајот, и со доказите на подносителот на барањето, но и му се дава право и тој да се спротивстави со контрадокази во отворена постапка пред тричлената комисија. Едноставно судијата е оној кој треба да се увери во исправноста на одлуката на Судскиот совет. Ако тој се посомнева во нешто има право на жалба, а во Врховен советот што одлучува е во широк состав, со судии од сите апелациски подрачја, како и од самиот Врховен суд“,
вели Црвенковска.
Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“, пак, смета дека може да промени само праксата на Судскиот совет без да се менуваат законите бидејќи тоа советот веќе и го направил.
„Практичната примена на законите е секогаш поважна од самиот законски текст, а таа секогаш може да биде унапредена многу полесно отколку да се промени законскиот текст, што впрочем и може да се забележи и кај самиот Судски совет, чија пракса беше унапредена без да постојат измени на некој законски или подзаконски акт. Секако ова во голема мера беше поттикнато од страна на јавноста, а особено од страна на самите судии и невладиниот сектор, но и од отвореноста на Советот кон критиките и волјата истиот да го унапреди своето работење, поради што е битно да се продолжи со ваквите активности“,
вели Петровска.
Од друга страна, таа нагласува и дека мора да се унапредат капацитетите на сите судски органи. Првенствено, вели таа, да се зголеми судскиот буџет до законскиот минимум и на тој начин, според Петровска, ќе се овозможи и поголема транспарентност и на Судскиот совет и на судовите.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.