Министерот за внатрешни работи во своето новогодишно обраќање излезе со оценка дека годината што изминува од безбедносен аспект била стабилна.
„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, имавме генерално стабилна безбедносна состојба во текот на целата 2021 година, со тенденција на намалување на инкриминациите во споредба со истиот период од минатата година и вкупна ефикасност од околу 61%; со биланс од седум сузбиени организирани криминални групи, со пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, со одлични резултати во заплената на наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, а тука би ја додал и заплената на 1.555.600 таблети псеудоефедрин во вкупна количина од 1 тон и 15 килограми, од кој употребен како прекурсор би се произвеле околу 700 килограми синтетичка дрога, метамфетамин, кој на црниот европски пазар за споменатата количина може да достигне вредност од 10 милиони евра. Бележиме зголемување за 23,4 % и на откриените кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје и повеќекратно зголемување на заплените на оружје, муниција и пиротехнички средства; со зголемување на откривачката дејност за 58,3% во делот на корупцијата за разлика од претходната година; со тенденција на намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи“,
вели Спасовски.

Според министерот за вантрешни работи неговиот ресор имал успешна реализација на целите и задачите. Паралелно, продолжил и процесот на модернизација на полициските структури.
„Mатеријално – техничкото унапредување го одбележаа повеќе комплети униформи за специјалните единици, униформи и чевли за униформираната полиција, Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници. Покрај ова, ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, а инвестиравме во 69 сега веќе целосно реконструирани објекти на министерството, во кои се имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, поголеми заштеди и заштита на животната средина“,
изјави Спасовски.
За 2022 година тој најавува зголемување на платите за 5% на полицијата како и бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. Спасовски, на крајот од обраќањето, ги повика граѓаните во претстојните денови да празнуваат одговорно.