Утре ќе се дознае новата цена на електричната енергија, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергитика, Марко Бислимовски, на гостувањето во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат. Последно на што се чека биле забелешките од некои незадоволни компании.
Како што објасни Бислимовски, струјата ќе поскапи но не драстично, за потоа да додаде и дека под драстично поскапување подразбира „сѐ што е над 20%“.

„Драстично зголемување нема да има затоа што тоа не е решение на проблемот. Со драстично зголемување на цената нема да се подобри ситуацијата, ќе се влоши, бидејќи ќе се намали процентот на наплата и тоа не ни е целта. Целта е да го одржиме, колку што се може во вакви услови на енергетска криза во цела Европа, нашиот систем стабилен. Сѐ што е над 20% во делот на електричната енергија е драстично зголемување“,
изјави Бислимовски во „Економски магазин“.
Бислимовски го сподели и својот став и за барањето на Балкан енерџи груп, цената на парното греење во Скопје да се зголеми за над 300%. Компанијата бара нова, многу повисока цена, поради зголемувањето на цената на природниот гас.
Според реакцијата на Бислимовски, барањето на БЕГ нема да биде прифатено или барем не во целост. Првиот човек на РКЕ смета дека драстичното поскапување на парното греење нема да ги реши проблемите бидејќи потоа ќе има голем број на исклучувања од системот.
„Драстично зголемување на цената на парното не е решение. Во тој случај, со право, голем дел од скопјани би се исклучиле од парно и би се приклучиле на системот за електрична енергија. Тогаш би имале сериозни проблеми бидејќи дистрибутивната мрежа во деловите на Скопје, каде што има парно, не е подготвена да прими енормно зголемена потрошувачка, а ќе се влоши и состојбата во однос на набавката на електрична енергија“,
изјави Бислимовски.