Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешниот брифинг со новинарите информира дека поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, во декември минатата година дала предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, но два члена од тој документ биле спорни за Северна Македонија, бидејќи се барало да се потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата произлегла од обидот за ослободување од Отоманската Империја.
Шефот на дипломатијата, исто така, додаде дека засега нема идеја за потпишување нов договор со Бугарија. Османи посочи дека во сила сè уште е предлогот на португалското претседателство и тој, формално, не е отфрлен од Бугарија и оти за нас тоа е единственото нешто што можеме да го прифатиме.
Според него, консолидирањето на бугарското малцинство повеќе е излезно решение, отколку наметнување ирационална вистина. Тој посочи дека до членството во ЕУ, Северна Македонија е подготвена да ги внесе бугарската и хрватската заедница во Уставот, посочувајќи оти прашањето за почитување на човековите права е наша најголема сила.
Во однос на тоа дали доколку нема решение со Софија, Албанија би излегла од пакетот и би започнала преговори, Османи рече дека досега Тирана јасно изразувала поддршка и не барала исклучување од пакетот.