Михајло Маневски е причина поради која ЕК и Венецијанската комисија препорача министерот да не присуствува на сесиите на Судскиот совет, а има и шест разрешувања на судии од Маневски кои паднаа во Стразбур и за кои државата плаќа оштета. Јово Вангеловски, пак, е избран за претседател на Врховен суд без ден работа како судија, има кривична пријава за манипулации со притворски случај, има пријави за злоупотреби на службената должност, вели министерот за правда во гостување во „Утрински брифинг“
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, смета дека е трагикомично Јово Вангеловски и Михајло Маневски да го напаѓаат за влијание врз судството зашто, како што вели, тие беа симбол на заробено судство. Ова е дел од одговорот на Маричиќ на критиките што стигнаа на негова адреса откако јавно реагираше на одлуката на Апелацискиот суд во Скопје за ослободување на Сашо Мијалков од притвор и апелираше до Судскиот совет ги провери основите според кои судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети ја донеле одлуката, со оглед на претходното бегство на екс-шефот на УБК.
„Упатив само повик до судиите да си ги дообјаснат своите одлуки. Кога имаше криза со обидот за бегството или полуобидот за бегство на Мијалков, прстот беше вперен кон извршната власт. Сметам дека независното судство треба да си ги објасни своите одлуки на јавноста. Не може поради некои неиздржани одлуки на судиите и обвинителствата секогаш да биде виновна извршната власт. Ништо лично против Мијалков не сум имал“,
рече Маричиќ.
Во денешното гостување во „Утрински брифинг“, тој порача дека единствениот притисок врз Судскиот совет бил да си ја врши работата чесно, одговорно и професионално.
„Ако јас сум користел полуги за некаков притисок, тоа, секако, нема да било јавно, преку фејсбук-статус. Јово Вангеловски и Михајло Маневски многу добро знаат дека не би реагирал јавно преку ’Фејсбук’. Во тоа време немаше фејсбук-статуси, но имаше многу други механизми кои се напишани во меѓународни извештаи. Јас немам потреба јавно да реагирам, кога би сакал и кога би можел да влијаам на судството“,
рече министерот за правда за кого се шпекулира дека ќе се пресели во нов ресор.
Според Маричиќ, исти реакции имало и пред една година.
„Јас и за овој случај дознав од јавноста. Инаку, имињата на судиите кои ги споменав ги дознав од луѓе внатре во судот и не велам дека тоа е правилно. Ние немаме друг начин како извршна власт да се одбраниме од нападите освен да ја повикаме судската власт да ги образложи одлуките, без да влијаеме какви ќе бидат тие. Инаку, имавме и една ослободителна пресуда за Мијалков и тогаш никој не реагираше, зашто судот ја образложи таа пресуда“,
изјави Маричиќ.
Тој вели дека целта била да ја повика судската фела на отчетност пред јавноста и ништо повеќе.
„Вангеловски и Маневски е трагикомично мене да ме напаѓаат за влијание врз судството, а тие беа симбол на заробено судство. Сега толку многу е различно судството и апсолутно е смешно да се споредува. Маневски е причина поради која ЕК и Венецијанската комисија препорача министерот да не присуствува на сесиите на Судскиот совет. Има шест разрешувања на судии од Маневски кои паднаа во Стразбур и за кои државата плаќа оштета. Вангеловски е избран за претседател на Врховен суд кој беше именуван без ден работа како судија. Има кривична пријава за манипулации со притворски случај. Има пријави за злоупотреби на службената должност“,
рече Маричиќ.
