Според ДКСК, сопругата на Рашковски добила на подарок автомобил од 50 000 евра од страна на лицето Игор Христов, кој истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма. Фирмата, пак, претходно побарала од Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, за имот со деловен простор во Гостивар во сопственост на државата да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност против екс-генералниот секретар, Драги Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда – возило.
ДКСК има сомневање за сторено кривично дело од страна на Рашковски по член 359, став 1 и 2 од Кривичниот законик, односно примање награда за противзаконито влијание.
Според ДКСК, сопругата на Рашковски во февруари, добила на подарок автомобил Доџ Вајпер СРТ од 2005 година чија што пазарна вредност е најмалку 50 илјади евра, а во анкетниот лист на Рашковски е пријавено дека вреди 5 илјади евра. Според предметот на Антикорупциската комисија, автомобилот претходни бил во сопственост на Игор Христов, кој наводно го купил возилото од гостиварска фирма за 5 илјади евра.
Истата гостиварска фирма во декември минатата година побарала од Генералниот секретаријат на Владата, додека генерален секретар беше Рашковски, за имот со деловен простор во Гостивар во сопственост на државата да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување.
Од документацијата, како што наведе Трпеноски, произлегуваат сомневања за незаконито постапување на Рашковски, со цел примање награда, во конкретниот случај – возило.
Од МВР до Антикорупциска биле доставени два договори и тоа за купопродажба на возилото „доџ“ кабриолет склучен на 09.11.2020 година меѓу гостиварска фирма и Игор Христов и договор за истото патничко возило склучен на 10.02.2021 година меѓу Игор Христов и сопругата на Рашковски.
„Од наведеното произлегува дека блиско лице на Рашковски, добила на подарок од Игор Христов возило што вреди околу 50 илјади евра, кое истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма, која пак имала поднесено барање за спроведување постапка за склучување пред договор за пренесување на правата за градење објекти што се сопственост на државата, доставено до Владата. Тоа води кон сомневање за преземање дејствија спротивни на закон. По извршената проверка откриено е дека на 17.12.2018 година до Генералниот секретаријат на Влада, гостиварската фирма доставила барање за спроведување постапака за склучување пред договорот. Во барањето се известува за имот за катастарска Општина Гостивар во вкупна површина од 366 квадратни метри деловен простор, имот сопственост на државата, а со право на користење на УЈП во Гостивар и Централниот регистар – Гостивар“,
рече Горан Трпеноски од ДКСК.
Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски за неисполнетоста на законските услови, во повеќе наврати, продолжува со дејствијата.
„И покрај негативното мислење на Министерството за транспорт и врски од страна на Генералниот секретаријат повеќепати во текот на 2019 година на дневен ред на седница на Владата била доставена информација со цел преддоговор за пренесување на правата на гредење на гостиварската фирма, по која што се донесени различни заклучоци за овластувања, за потпишување на наведнениот преддоговор. Тука има доста работа и за обвинителството, за инспекциските служби, за катастар. Како е направен техничкиот пропуст, зошто од 2011 година, кога е донесено решение за приватизација досега не е извршена корекција“,
рече меѓу другото Трпеновски.
Објектот што се споменува во овој случај во Гостивар, според Трпеноски, најверојатно е влезен и во стечајната маса на пропаѓањето на Евростандард банка и Здружението на оштетени штедачи реагирале за овој случај.
Инаку, Рашковски е во фокусот на јавноста, откако „360 степени“ објави за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, за што наскоро го очекува судење по обвинение на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Во серијата прилози, објавивме и дека Рашковски вози луксузен џип „Волво“ – XC 90, кој не го пријавил во анкетниот лист. .
„360 степени“ откри дека џипот е во сопственост на фирмата „ГБЦ системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видеоопрема, чиј единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов. Истиот Игор Христов, Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот.