Парламентарната опозиција не се откажува од можноста да ја „распрашува“ Владата во оставка
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, најави дека во текот на денешниот ден како пратеничка група ќе поднесат потписи за свикување нова седница за пратенички прашања на 30 декември, поточно на претпоследниот ден од 2021 година.
Претходно, на 23 декември, кога беше констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, Мицевски реагираше поради тоа што седницата беше прекината и на пратениците им беше оневозможено да им поставуваат прашања на членовите на Владата.
„Ние имаме Влада во оставка која продолжува да функционира, а единственото што оваа влада, според вашето толкување не смее да го прави е да одговара на прашањата на пратениците од опозицијата“,
рече Мицевски откако спикерот Талат Џафери ја прекина седницата за пратенички прашања, веднаш по констатирањето на оставката.
Џафери појасни дека на седница за поставување пратенички прашања обврска е да присуствува премиерот, кој во тој момент нема мандат, како што нема ниту еден од министрите. Членовите на Владата исто така немаат мандат, а Владата не може да ја претставува заменик-министер.
Инаку, 30 декември е редовниот термин за пратенички прашања, со оглед на тоа што седници за тоа се предвидени секој последен четврток во месецот. Овој пат, според информациите, власта и опозицијата се договориле првично пратеничките прашања да се поместат за 23 декември поради тоа што 30 декември е ден пред нова година.
Претходно, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјаноска-Давкова, реагираше дека од јуни годинава не е одржана седница за пратенички прашања.
Спикерот Џафери, пак, посочува дека парламентот не заседаваше во изминатите месеци, прво поради летните одмори, а потоа поради кампањата за локалните избори. Во таа насока тој се заложи системот на земјава да се врати во нормала, односно да се врати практиката на редовни парламентарни избори, за да не се случуваат вакви блокади на политичките процеси.