Вселенскиот патријарх, според соопштението од четвртокот, е целосно вакциниран против ковид-19 и нема тешка клиничка слика
Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан упати желби за добро здравје и брзо заздравување до вселенскиот патријарх Вартолемеј, кој е позитивен на ковид-19.
„Со особена загриженост ја примивме веста што мајката црква ја соопшти – дека по редовниот медицински преглед, кај неговата сесветост, вселенскиот патријарх г. Вартоломеј е дијагностицирана инфекција од ковид-19, со лесни симптоми. Изразуваме благопожелби за брзо закрепнување и за враќање на редовните задолженија на неговата сесветост, кој за сето време на својата архипастирска служба е на будна стража за доброто и за преуспевањето на православието, ревнувајќи за зачувување на канонскиот поредок на православната црква“,
се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Бигорскиот манастир, пренесува МИА.
Г.г. Стефан ги повикува нашата црква, свештенството и верниот народ да се придружат во, како што се наведува, молитвата за здравје и брзо закрепнување на неговата сесветост, вселенскиот патријарх г. Вартоломеј.