Освен во Скопје висока загаденост на воздухот е регистрирана и во Тетово, Куманово, Кичево, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кочани….
Во сенка на политичките препукувања за тоа кој е виновен за енормното загадување на воздухот, Скопје се искачи за уште едно место на листата на најзагадените градови во светот.
Со индекс на квалитетот на воздухот 249 на светскиот сервис за следење на аерозагадувањето IQAir, главниот град на земјава денеска е рангиран на четврто место меѓу најзагадените градови во светот.

Меѓу првите што реагираа во јавноста за аерозагадувањето, беше поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, кој објавувајќи фотографија од една од мерните станици се пожали на квалитетот на воздухот.
Актуелната градоначалничка на Скопје пак, Данела Арсовска, денеска возврати дека за разлика од претходно, овој проблем ќе биде прв приоритет на новата градска администрација.
„Не би смеело да си дозволи човекот којшто во изминатите години дозволи Скопје да биде град којшто има највисока ставка на загадување во овој дел на Европа и меѓу најзагадените градови во свњетот за кое имал можност четири години да преземе мерки и се остави на природните услови, дали ќе биде ветровита годината или не, како системска мерка. Она што Град Скопје сега го презема се комплементарни мерки за следната година да не се соочуваме со вакво загадување како досега“,
рече Арсовска.
Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ од каде обвинија дека СДСМ не презел суштински мерки за борба против загадувањето, ниту на централно, ниту на локално ниво.
„Шилегов се фалеше дека го исчистил воздухот, но 4 години неработа доведе до максимално загаден воздух. Четири години преспани од СДСМ доведоа до најзагаден воздух во регионот и Европа. Четири години СДСМ немаше преземено ништо за спречување на загадувањето на воздухот, како на централно, така и на локално ниво. И оваа година владата не планира ништо суштински во насока животната средина и борба против загадувањето на воздухот. И во најголемиот буџет до сега, нема реални проекти кои ќе го подобрат квалитетот на воздухот. Со СДСМ државата тоне. За подобрување потребни се промени на централно ниво. Затоа брзи предвремени избори се единствено решение“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак, реплицираа дека ВМРО-ДПМНЕ нема право да зборува за загадувањето. Според нив, резултатите од мерните станици покажувале дека мерките за намалување на загадувањето на воздухот во времето на градските власти на СДСМ во изминатите години давале резултати и загадувањето на воздухот било намалено.
„Додека ВМРО-ДПМНЕ поттикнуваше загадување, централната власт и локалните власти на СДСМ изминатите години реализираа мерки за намалување на аерозагадувањето, како субвенционирање на инвертори, 110 километри велосипедски патеки, многу зеленило, нови паркови, зелени покриви, замена на дел од прескапо платените кинески автобуси загадувачи, проектот за најеколошки БРТ превоз во Скопје. Аерозагадувањето во изминатите четири години се намали 33%. Тоа се потврдува со бројките од мерењата на ПМ10 честичките на скопските мерни станици. Во 2015 година просечно имало 71.30, а во 2020 47,70. Максималната среднодневна вредност на ПМ10 честичките во јануари во 2015 година изнесувала 560, во 2017 508, а во 2021 година само 162. Колку и да се обидуваат да ја манипулираат јавноста, од ВМРО-ДПМНЕ не можат да ги побијат и извртат бројките“,
се вели во партиското соопштение.

Инаку, според мерните станици за квалитет на воздухот од Министерството за животна средина и просторно планирање коишто се во функција, освен во Скопје висока загаденост е регистрирана и во Тетово, Куманово, Кичево, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кочани….