Од ЕБОР нагласуваат дека за време на изградбата на автопатот освен креирање на нови работни места, ќе се обезбеди и можност за развој на вештини за младите луѓе во градежниот сектор преку обука на лице место
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит во износ од 110 милиони евра кои ќе бидат наменети за финансирање на изградбата на автопатот од Букојчани до Кичево долг 10,2 километри, кој е дел од Коридорот 8. Европската унија го кофинансира проектот со 20 милиони евра инвестициски грант, преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ).
Уште од 2001 година банката игра уникатна улога во поддршката на патниот сектор во земјава, истакна претставникот на ЕБОР Анди Аранитаси за време на церемонијата на потпишување на договорот.
„Со оваа нова инвестиција, повторно ја потврдуваме нашата посветеност за изградба на подобра транспортна инфраструктура во земјата за добро на сите во граѓани и бизниси“,
посочи Аранитаси.
Министерот за финансии Фатмир Бесими нагласи дека Коридорот 8, чиј дел е и делницата од Букојчани до Кичево, е еден од стратешките проекти за инфраструктурата на земјата, кој ќе ја направи поконкурентна.
„Со изградба на патната инфраструктура од Коридорот 8, во земјава ќе се заокружи изградбата на пан-Европскиот коридор значаен за подобра поврзаност на Северна Македонија, Албанија и Бугарија кон останатите европски земји“,
посочи Бесими.
Од ЕБОР нагласуваат дека за време на изградбата на автопатот освен креирање на нови работни места, ќе се обезбеди и можност за развој на вештини за младите луѓе во градежниот сектор преку обука на лице место.
ЕБОР досега за изградба на патишта во земјата, има обезбедено над ЕУР 400 милиони.
Коридорот 8 се протега на приближно 305 километри на територијата на државава и поврзува 62 отсто од популацијата во земјата и е патнички и железнички коридор од исток кон запад, кој се протега од бугарското пристаниште Варна на Црно Море до албанското пристаниште Драч на Јадранско Море. Опфаќа морски и езерски пристаништа, аеродроми, патишта и железница, во вкупна должина од 1.270 километри железница и 960 километри патишта.