Се огласи и претседателот на државата по полемиката околу помилувањата на крајот на годината, што ги повлече Министерството за правда
Шефот на државата, Стево Пендаровски, денеска рече дека се задолжителни помилувањата за Нова година и за 2 Август – Илинден. Според неговата изјава, помилувања мора да има зошто секогаш има барања за тоа, но теоретски може да се случи тој да не прифати ниту еден предлог.
На прашањето дали може да се случи годинава да нема помилувања, претседателот одговори:
„Во текот на годината, пет-шест пати има т.н. редовни помилувања, а двапати се задолжителни – ги нарекуваме празнични или колективни по повод Нова година или 2 Август. Помилувања во принцип мора да има затоа што секогаш има барања. Теоретски, може да добиете 30 или 50 предлози, а да не прифатите ниту еден. Морам да објаснам дека има неколку нивоа пред тоа да дојде кај претседателот. Управите кажуваат за лица кои отслужуваат казна затвор и даваат свое мислење. Понатаму тоа оди кон Министерството за правда и тие даваат свое мислење за ова што затворите го предлагаат. Третото ниво е постојаната Комисијата во Кабинетот на претседателот. Јас сум четврто ниво. Независно од тоа какви се претходните одлуки на управите на затворите, што предлагаат тие, а што Министерството за правда, независно што вели мојата Комисијата во кабинетот, јас можам да одлучам како сакам – можам да прифатам, можам да одбијам“, вели Пендаровски,
Првичниот предлог-список кој беше испратен од Министерството за правда до Комисијата за помилување во кабинетот на Пендаровски беше повлечен. Денеска, пак, од Министерството соопштија дека го поништиле списокот и во консултација со Управата за извршување санкции одлучиле годинава да не испраќаат предлог-список за помилување затвореници.
„Ова се прави со цел да се даде време првин да се допрецизираат критериумите и законски да се зајакнат филтрите во однос на тоа како се составуваат листите со предлози на лица кој треба да бидат помилувани. Во Министерството за правда постои работна група која работи на составување нов предлог-закон за помилување, со кој ќе се зацврстат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван. Со тоа сметаме дека ќе се минимизираат шансите на овие листи во иднина да се најдат лица кои во јавноста предизвикуваат сомнеж за нормалното функционирање на правниот систем“,
соопштија од Министерството.
Првичниот список со предлог-имиња за помилување предизвика реакции во јавноста поради дел од осудениците кои се најдоа на него. Како што објави Алсат ТВ претходно, на списокот беа и: бизнисменот Сеат Кочан осуден во предметот „Труст“ на СЈО; Александар Василевски-Нинџа осуден за настаните од 27 април 2017 година и сведок за истите случувања во предметот за организаторите; Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4-годишниот Алмир во Куманово.