Покрај невработеноста и нискиот стандард, она што најмногу ги загрижува младите во земјава се материјалната и економската независност, како и проблеми со алкохолизмот, зависноста од наркотици и деликвенцијата
За дури 58,4 отсто од младите во земјава невработеноста е клучниот проблем со кој се соочуваат. Следни на листата со проблеми се материјалната и економската независност, што е проблем за 50,8 отсто од младите, а за 45,9 проценти од младите голем проблем се алкохолизмот, зависноста од наркотици и деликвенцијата, велат наодите на истражувањето од студијата за младински трендови во рамки на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, финансиран од Европската Унија.
Во однос на стандардот за живеење, младите го делат мислењето дека стандардот ни е низок, но од друга страна имаат мала мотивираност да го подигнат. Меѓутоа најчесто како најлесно решение се избира заминувањето од земјата во земјите членки на ЕУ.
Според истражувањето, младите не се задоволни од квалитетот на постоечките политики за младите луѓе во однос на здравството, образованието, вработувањето, домувањето, културата и слично.
Во однос на образованието, позитивно прифатена е дигитализацијата на образовниот процес поради големиот број предности кои ги нуди особено во однос на лесната достапност до повеќе образовни ресурси, но проблем е што сите ученици немаат еднакви можности за настава. Оттука, младите сметаат дека реформите и дигитализацијата на образованието се процес за кој треба поопсежна дискусија и дебата за да се изнајдат најсоодветни решенија.
Повеќе од половина од испитаните млади не знаат дека постои локална стратегија за млади во рамки на нивната општина, а многу мал дел или 28,8 отсто од младите не се запознаени со Законот за младинско учество и младински додаток.
Иако младите имаат генерално позитивен став кон младинскиот активизам, тие многу малку се задоволни со моменталното ниво на младинско учество во процесите на креирање политики за млади. Само 20,3 проценти од младите во последните 12 месеци учествувале во некој процес на донесување одлуки во училиште, факултет, општина или во владина институција.
Алармантен е податокот дека само 22,9 отсто од младите слушнале за локални младински совети што укажува дека локалните младински совети генерално не допираат до најголем дел од младите лица. Сепак, само 20 отсто од младите сметаат дека ЛМС можат ефективно да ги застапуваат интересите на младите. Младите сметаат дека најдобар начин и мотивираност за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации.
Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА на настанот на кој беше презентирано истражувањето истакна дека во моменотв во фаза на спроведување е Законот за младинско учество и младински политики, додавајќи дека овој проект значително ќе придонесе кон негово спроведување особено во делот на воспоставување на посистематска соработка со граѓанското општество кон суштинско младинско учество.
„Со проектот директно ќе ја поддржиме работата на локалните службеници за млади, ќе дадеме придонес во развојот на волонтерството и ќе им помогнеме на општините во развојот на локалните политики за млади, промовирајќи ненасилна комуникација и родова еднаквост“,
рече Зоран Илиески.