Подобро откажан настан, отколку изгубен живот, порача првиот човек на СЗО
Светската здравствена организација (СЗО) побара од луѓето во светот да ги откажат плановите за прослави на празниците за да го заштитат јавното здравје поради многу брзото ширење на сојот омикрон.
„Подобро откажан настан отколку изгубен живот“,
рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејесус, истакнувајќи дека мора да се донесат „тешки одлуки“, што во некои случаи би значело откажување или одложување на одредени настани.
Гебрејесус истакна дека постојат докази дека омикронот се шири многу побрзо од делта сојот. Исто така, тој вели дека пандемијата може да заврши следната година ако се осигура дека 70 отсто од населението во секоја земја е вакцинирано до средината на 2022 година.
Здравствените експерти претходно го прогласија омикронот за доминантен вид на коронавирус во САД.
Голем број земји, вклучително и Франција и Германија, ги заострија рестриктивните мерки и воведоа ограничувања за патување за да спречат ширење на сојот на омикрон.
Холандија воведе многу строга блокада за време на божиќните празници.