Прогласувањето на недела за неработен ден беше едно од основните барања на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), покрај барањето за зголемување на минималецот и спирално зголемување на останатите плати
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) изрази задоволство по повод денешната одлука која ја донесе Собранието, прогласувајќи ја неделата за неработен ден, што беше едно од основните барања на Сојузот на протестот кој го одржаа на 12 месецов.
„Во услови на светската здравствена криза, предизвикана од ковид-19, се покажа дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници. По пат на социјален дијалог со Владата и работодавачите, со денешното гласање во Собранието од страна на пратениците, успеавме да го обезбедиме ова право на работниците“,
соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
ССМ смета дека ова претставува одличен пример за унапредување на работничките права преку создавање на правна рамка за почитување на демократските вредности.
„Деведесет и два проценти од работниците ќе одмораат, а оние осум проценти кои работат во дејностите во кои не може да се прекине работниот процес, за работа во недела ќе добиваат најмалку дополнителни 50 отсто додаток на плата за секој поминат час за работа во недела, а синдикатите здружени во ССМ веќе преку колективните договори обезбедија и 100 отсто додаток на плата за работа во недела“,
наведуваат од ССМ.
Собранието денеска во второ читање ги усвои законските измени за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден. Тие треба да почнат да се применуваат од 1 јануари.
Претходно, на 12 месецов Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) излезе на протест барајќи недела да се прогласи за неработен ден. Покрај тоа, од ССМ бараа минималната плата да биде 60 отсто од просечната, а спирално да се зголемуваат и останатите плати.