Како што наведуваат од Царинската управа, македонскиот државјанин на 13 декември допатувал од Еквадор, преку Амстердам во Белград, каде што цариниците при прегледот на багажот забележале дека облеката е влажна и потешка од очекуваното, по што се утврдило дека се работи за шверц на кокаин
Македонски државјанин се обидел да влезе во Србија со куфер кој бил полн со облека натопена во кокаин, но бил спречен од српските цариници на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.
Како што наведуваат од Царинската управа, македонскиот државјанин на 13 декември допатувал од Еквадор, преку Амстердам во Белград, каде што цариниците при прегледот на багажот забележале дека облеката е влажна и потешка од очекуваното.
Откако патникот го отворил куферот, се почувствувал силен мирис на киселина, а целата облека во куферот била влажна. Во куферот немало ништо друго освен облека, чевли и средства за лична хигиена, иако патникот рекол дека дошол од Еквадор, каде што 13 дена престојувал кај пријател.
„На прашање на царинските службеници зошто се влажни работите, патникот изјавил дека во земјата од каде што доаѓа има висока влажност, па испраните алишта не успеале да се исушат“,
соопшти Царинската управа.
Од страна на Обвинителството е наредено багажот привремено да биде задржан и да се испрати на вештачење, а наодите на Националниот центар за криминалистичка форензика на српското МВР потврдиле дека примероците се позитивни на кокаин.
Против државјанинот на Северна Македонија ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнеж за трговија со дрога.
